Hosea 5
1 Чујте го ова свештеници, и внимавај ти, доме Израелов, и приклони го увото, доме царев, зашто вам ќе ви се суди, зашто бевте замка во Мицпа и оптегната мрежа во Тавор.
2 Длабока јама ископаа престапниците, но Јас ќе ги казнам сите нив.
3 Ефрем Јас го познавам, но и Израел не е сокриен од мене; зашто и ти блудствуваш, Ефреме, а ти, Израеле, се оскверна.
4 Делата нивни не ги оставаат да се обратат кон својот Бог, зашто блудството нивно е внатре во нив, па затоа и Господа не Го познаваат.
5 И гордоста на Израел сведочи против нив; затоа и Израел и Ефрем паднаа поради беззаконијата свои; а ќе падне и Јуда со нив.
6 Со овци и со волови ќе тргнат да Го бараат Господа и нема да Го најдат; Тој се оттргнал од нив.
7 Тие Го изневерија Господа, зашто изродија туѓи деца; затоа сега и тие и нивните имоти ќе бидат уништени.
8 Затрубете со рог во Гива, со труба во Рама, и викајте во Бет-Авен: „Во бој, Венијамине!“
9 Во денот на казнувањето Ефрем ќе стане пустина; Јас го изјавувам тоа меѓу колената Израелови.
10 Водачите на Јуда станаа како оние што преместуваат меѓи; ќе го излеам врз нив гневот Мој како вода.
11 Ете, Ефрем е угнетен, кај него правдата се гази, зашто посака да оди по суетни работи.
12 Јас ќе бидам како молец за домот на Ефрем и како црв за домот на Јуда.
13 Кога ја согледа Ефрем болеста своја и Јуда раната своја, тргна Ефрем кон Ашур и се обрати до големиот цар за помош; но тој не ќе може да ве излекува, и нема да ви ја исцели раната ваша.
14 Зашто Јас сум како лав за Ефрем и како лавче за домот на Јуда; Јас, Јас ќе раскинам и ќе си заминам; ќе однесам и никој нема да ги спаси.
15 Ќе тргнам и ќе се вратам во Своето место, додека тие не признаат дека се виновни, и не го побараат лицето Мое. Можеби во својата мака ќе Ме побараат.