Haggai 1
1 Во втората година на царот Дариј, во шестиот месец, на првиот ден од месецот, дојде слово Господово преку пророкот Агеј до Зоровавел, синот на Салатиил, управител на Јудеја, и до Исус, синот Јоседеков, првосвештеникот.
2 Вака вели Господ Саваот: „Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господов.“
3 И дојде слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи:
4 „А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е светилиштето запустено?“
5 Затоа сега вака вели Господ Саваот: „Преиспитајте ги своите патишта!
6 Вие сеете многу, а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.“
7 Така вели Господ Саваот: „Преиспитајте ги своите патишта!
8 Качете се на планината, донесете дрвја и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам, вели Господ.
9 Очекувавте многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го разнесувам. Зошто? — вели Господ Саваот: Затоа што домот Мој е запустен, додека секој од вас се грижи за домот свој.
10 Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови.
11 Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз маслото и врз сѐ што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш труд.“
12 И Зоровавел, синот на Салатиил, и Исус, синот на Јоседек, и сиот друг народ го послуша гласот на Господ, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплаши од Господ.
13 Тогаш Агеј, гласникот Господов, испратен од Господ, му рече на народот: „Јас сум со вас“ — вели Господ.
14 И Господ го подигна духот на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јудеја, духот на Исус, синот Јоседеков, првосвештеникот, и духот на сиот друг народ — и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господ Саваот, својот Бог;
15 а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец, во втората година на царот Дариј.