Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Genesis 41

:
Macedonian - 2006
1 А по две години сони сон фарао­нот како стои крај една река.
2 И одеднаш од реката излегоа седум убави и дебели крави, па почнаа да пасат во мочуриштето;
3 а по нив, потоа, од реката излегоа други седум крави, грди и слаби и застанаа кај другите крави на брегот.
4 И грдите и слаби крави ги изедоа оние седум убави и дебели крави. Тогаш се разбуди фараонот.
5 Потоа пак заспа и сони втор сон, а тоа седум класја израснаа од едно стеб­ло, јадри и убави;
6 а по нив израснаа седум празни, исушени од ветар.
7 Потоа празните и исушените класја ги изедоа седумте големи и јадри класја. Тогаш фараонот се разбуди, но тоа беше сон.
8 Утредента се вознемири душата негова, та нареди, и беа повикани сите гаталци египетски и сите мудреци. И фараонот им раскажа што сонил, но никој не се најде да го протолкува сонот на фараонот.
9 Тогаш му проговори на фараонот главниот винар и рече: „Денес се сетив за гревот мој.
10 Кога фараонот се налути на слугите свои и нѐ фрли в затвор во куќата на стражарскиот заповедник, мене и главниот пекар,
11 сонувавме во иста ноќ јас и тој, но секој од нас свој сон видовме со свое значење.
12 А таму со нас беше еден млад Ев­реин, слуга на заповедникот на стра­жата; ние му ги раскажавме соништата наши, а тој на секого од нас му го протолкува сонот.
13 И како што ни кажа, така и стана: јас бев вратен на мојата служба, а оној другиот беше обесен.“
14 Тогаш фараонот нареди, та го повикаа Јосиф, и брзо го изведоа од затворот, а тој се потстрижа и се преоблече, па излезе пред фараонот.
15 А фараонот му рече на Јосиф: „Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам дека умееш да толкуваш соништа.“
16 Јосиф му одговори на фараонот и рече: „Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро.“
17 И му рече фараонот на Јосиф, ве­лејќи: „Сонив, како стојам крај брегот на реката;
18 и одеднаш од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат во мочуриштето;
19 и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, не сум видел толку грди во целата земја египетска.
20 И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели.
21 А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив.
22 Па пак сонив, а тоа седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави;
23 а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар.
24 И празните класја ги проголтаа седумте убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни.“
25 А Јосиф му рече на фараонот: „Со­нот фараонов е еден: Господ му јавува на фараонот, што ќе направи.
26 Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класја се пак седум години; обата сона се еден сон.
27 Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години; и седумте класја празни и исушени од ветар се седум години глад.
28 Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му кажува на фараонот што ќе прави.
29 Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја египетска;
30 а по нив ќе настапат седум гладни години; ќе се заборави сето она изобилство во земјата египетска, и глад ќе настапи во земјата.
31 И нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие поради гладот што ќе дојде, зашто ќе биде многу голем.
32 А тоа, што фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа.
33 А сега фараонот нека побара човек мудар и разумен, па да го постави над египетската земја.
34 И нека заповеда фараонот да бидат поставени старешини по земјата, па да собираат петина од сите жетви по земјата египетска во текот на седумте родни години;
35 нека собираат тие секаква зрнена храна во седумте родни години што доаѓаат; житото да го собираат во градовите со овластување од фараонот и храната во градовите да се чува.
36 И таа храна да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат во египетската земја, за да не пропадне земјата од глад.“
37 Ова му се допадна на фараонот и на сите слуги негови.
38 Па им рече фараонот на слугите свои: „Зар можеме да најдеме човек, како што е овој, во кого има Божји дух?“
39 И му рече фараонот на Јосиф: „Бидејќи Бог тебе ти го откри сево ова, значи дека нема човек толку мудар и разумен како што си ти.
40 Ти ќе бидеш над домот мој, и целиот народ мој ќе го слуша твојот збор; само со престолот ќе бидам поголем од тебе.“
41 И уште му рече фараонот на Јосиф: „Еве, те поставувам денес тебе над целата египетска земја.“
42 И го извади фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосиф на рака, и го облече во облека од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот.
43 И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува: „Аврех!“ И го постави над целата земја египетска.
44 И фараонот му рече на Јосиф: „Јас сум фараон, но без тебе никој нема да крене рака, ни нога во целата земја египетска.“
45 И го нарече фараонот Јосиф Цафенат-Панеах; и го ожени со Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он.
46 А Јосиф имаше триесет години, кога се претстави пред фараонот, царот египетски. И, откако отиде од фараонот, тој ја обиколи целата земја египетска.
47 И за седум родни години земјата роди во изобилство.
48 И собираше Јосиф за тие седум години секаков вид жито, што го даваше египетската земја, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви.
49 Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокот морски, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број.
50 А пред да настанат гладните години, му се родија на Јосиф два сина, кои му ги роди Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он.
51 И на првородениот Јосиф му стави име Манасија, велејќи: „Зашто Бог ми овозможи да ги заборавам несреќите мои и целиот дом на мојот татко.“
52 А вториот го нарече Ефрем, велејќи: „Бидејќи Бог ме направи плоден во земјата на маките мои.“
53 Но изминаа седумте родни години во египетската земја,
54 и настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата египетска земја имаше леб.
55 Но, кога почна да гладува и египетската земја, народот му бараше на фараонот леб. А фараонот им рече на сите Египќани: „Одете кај Јосиф, па како што ќе каже тој, така правете.“
56 А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египќаните жито, бидејќи настана голем глад во египетската земја.
57 И од сите земји доаѓаа во Египет да купуваат жито од Јосиф, зашто настана голем глад по целата земја.