Genesis 40
1 Потоа се случи, винарот на царот египетски и пекарот да му згрешат на господарот свој, царот египетски.
2 И фараонот се разгневи над тие двајца дворјани, на главниот винар и на главниот пекар,
3 па ги стави под стража во куќата на заповедникот на стражата, во затворот, во местото каде што беше затворен Јосиф.
4 А заповедникот на стражата му ги предаде на Јосиф, тој да се грижи за нив. И тие останаа таму некое време.
5 И обајцата сонија сон во иста ноќ, секој со особено значење, и винарот и пекарот на царот египетски, кои беа затворени во темницата.
6 А утредента, кога дојде Јосиф кај нив, ги виде.
7 Па ги запраша дворјаните фараонови, кои беа под стража заедно со него во куќата на господарот негов, и рече: „Што ви се денес лицата толку нажалени?“
8 А тие му одговорија: „Обајцата сонивме сон, а нема кој да ни го протолкува.“ Јосиф им рече: „Зар толкувањето не е преку Бога? Раскажете ми ги!“
9 И главниот винар му го раскажа сонот свој на Јосиф, велејќи: „Јас сонував една лоза пред мене;
10 на лозата имаше три прачки; и таа запупи и расцути, врза грозје, кое узреа;
11 а во раката ми беше чашата фараонова; зедов еден грозд, го истискав во фараоновата чаша и му ја дадов чашата на фараонот в рака.“
12 Јосиф му рече: „Еве го значењето: трите прачки се три дена.
13 По три дена фараонот ќе те помилува и пак ќе те постави на поранешната служба; и одново ќе му ја подаваш чашата во раката негова како и порано, кога му беше винар.
14 Но, кога ќе ти биде добро, сети се на мене и направи ми добро; спомни му на фараонот за мене и изведи ме од оваа тврдина;
15 зашто ме украдоа од земјата еврејска; а и овде ништо лошо не сум направил, за да бидам фрлен во затвор.“
16 А кога виде главниот пекар колку добро му го протолкува сонот, му рече на Јосиф: „И јас сонив: и тоа — на главата моја три кошници со пецива;
17 во најгорната кошница имаше сѐ што јаде фараонот, што го прават пекарите; и птици колваа од кошницата над мојата глава.“
18 А Јосиф одговори и рече: „Еве го значењето: три кошници — тоа се три дена.
19 По три дена фараонот ќе ти ја земе главата и ќе те обеси на дрво, а птиците ќе колваат од телото твое.“
20 И кога дојде третиот ден, а тоа беше денот во кој се родил фараонот, тој им приреди гозба на своите слуги, па се сети на главниот винар и на главниот пекар помеѓу слугите свои.
21 И го врати главниот винар на поранешната служба, за да му ја подава чашата на фараонот,
22 додека главниот пекар го обеси, како што беше рекол Јосиф.
23 Но главниот винар не си спомна за Јосиф, туку го заборави.