Genesis 30
1 Рахила, гледајќи дека не му раѓа деца на Јаков, ѝ позавиде на сестрата своја, па му рече на Јаков: „Дај ми деца, ако не — јас ќе умрам!“
2 А Јаков ѝ се налути на Рахила, и ѝ рече: „Зар јас сум тој, а не Бог, што не ти дал плод на утробата?“
3 А таа рече: „Ене ја слугинката моја Билха; влези кај неа; нека ми роди таа в скут, па јас ќе имам деца од неа.“
4 И му ја даде Билха, слугинката своја, за жена, и Јаков влезе кај неа.
5 И Билха зачна, и му роди на Јаков син.
6 А Рахила рече: „Бог ми пресуди и го чу гласот мој, та ми даде син.“ Затоа му стави име Дан.
7 И Билха, слугинката на Рахила, пак зачна, и му роди втор син на Јаков.
8 А Рахила рече: „Со Божја помош жестоко се борев со сестрата моја, но победив.“ И му кладе име Нефталим.
9 А Лија, гледајќи дека престана да раѓа, ја зеде слугинката своја Зелфа и му ја даде на Јаков за жена.
10 И зачна Зелфа, слугинката на Лија, и му роди на Јаков син.
11 Тогаш Лија рече: „Дојде среќата моја.“ Па го нарече Гад.
12 Му роди Зелфа, слугинката на Лија, на Јаков и втор син.
13 И Лија рече: „Блазе мене, зашто блажена ќе ме нарекуваат жените!“ Затоа му стави име Асир.
14 А кога се жнееше пченицата, излезе Рувим во полето и најде мандрагори, па ѝ ги донесе на мајка си Лија. А Рахила ѝ рече на Лија, сестрата своја: „Дај ми од мандрагорите на синот твој!“
15 Таа, пак, рече: „Малку ли ти беше што ми го зеде мажот? Сакаш да ми земеш и од мандрагорите на синот мој?“ Рахила ѝ одговори: „Тогаш нека легне ноќеска со тебе за мандрагорите од синот твој.“
16 И вечерта, кога Јаков се враќаше од полето, му излезе Лија во пресрет и рече: „Влези кај мене, зашто те откупив за мандрагорите од синот мој!“ И легна тој со неа таа ноќ.
17 А Бог ја слушна Лија, и таа зачна, па му го роди на Јаков петтиот син.
18 И Лија рече: „Бог ми даде награда, зашто му ја дадов слугинката своја на мажот мој.“ И му даде име Исахар.
19 И пак зачна Лија, и му го роди на Јаков шестиот син.
20 И рече Лија: „Бог ме награди со убав дар, па сега ќе живее со мене мажот мој, бидејќи му родив шест синови.“ Затоа го нарече Завулон.
21 Потоа роди ќерка и ѝ стави име Дина.
22 Но Бог си спомна и за Рахила. И ја послуша Бог, па ја отвори утробата нејзина.
23 Таа зачна и роди син, па рече: „Бог го отстрани од мене срамот мој.“
24 И му даде име Јосиф, велејќи: „Бог ќе ми даде и друг син.“
25 А кога Рахила го роди Јосиф, му рече Јаков на Лаван: „Пушти ме и ќе си одам во моето место и во својата земја.
26 Дај ми ги жените мои, и децата мои, за кои ти служев, и да си одам; а ти знаеш како ти служев.“
27 Лаван му рече: „Немој, ако сум нашол милост пред тебе. Гледам дека Бог ме благослови поради тебе.“
28 И уште рече: „Барај плата, колку што сакаш, и јас ќе ти дадам.“
29 А Јаков му одговори: „Ти знаеш како ти служев и колку многу ти се зголеми добитокот со мене;
30 бидејќи она што го имаше, беше малку додека не дојдов јас; но многу се намножи, бидејќи Господ те благослови кога дојдов јас. Па кога јас ќе работам за мојот дом?“
31 И тој му рече: „Што бараш да ти дадам?“ А Јаков одговори: „Не треба ништо да ми дадеш. Но направи онака како што ќе ти кажам, а јас, пак, ќе го пазам стадото твое и понатаму.
32 Ќе го обиколам денес целото стадо твое и оддели секое дамчесто и шарено јагне и секоја црна овца помеѓу нив и секоја шарена и дамчеста коза — тоа ќе ми биде наградата!
33 Така потоа ќе ми посведочи справедливоста моја пред тебе кога ќе дојдеш да ја провериш наградата моја: ако се најде тогаш меѓу моите кози која не е дамчеста или шарена, и меѓу овците мои, која не е црна, значи крадена е.“
34 Лаван му рече: „Нека биде, како што рече!“
35 И ги оддели Лаван истиот ден јарците ригести и шарени и сите кози дамчести и шарени; секоја на која имаше нешто бело и сите црни овци, па им ги предаде на синовите свои.
36 И определи растојание од три дена одење меѓу себе и Јаков. А Јаков го пасеше другиот ситен добиток на Лаван.
37 И зеде Јаков зелени прачки тополови, бадемови и јаворови, па изрежа Јаков пруги, откако ја извади кората до беликата,
38 и ги стави така изрезаните прачки во коритата од поилата, каде што доаѓаше добитокот да пие, а бидејќи стоката зачнуваше, кога доаѓаше на вода,
39 добитокот се пареше пред прачките, па се раѓаше ригеста и шарена стока.
40 И Јаков ги одделуваше и овците, и им ги свртуваше главите кон шареното и сето црно стадо на Лавана; а своето стадо го одделуваше и не го мешаше со стадото Лаваново.
41 И секогаш кога зачнуваше силниот добиток, Јаков ги ставаше прачките во поилата пред очите на добитокот, за да се пари гледајќи во прачките.
42 А кога се пареше слабиот добиток, тогаш не ги ставаше. И остануваше слабиот за Лаван, а силниот, за Јаков.
43 И така тој човек се збогати многу, премногу, та имаше многу добиток, слугинки и слуги, камили и магариња.