1О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса (та не се покорувате на вистината) вас, пред чии очи Исус Христос беше јасно насликан распнат меѓу вас?
2Само ова сакам да го дознаам од вас: преку делата на Законот ли го добивте Духот или преку пораката на верата?
3Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате?
4Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо!
5Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го прави тоа, или преку пораката на верата?
6Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.
7Знајте, пак, дека оние што се потпираат на верата, се синови Авраамови.
8И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовести на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“
9И така, оние што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам;
10а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Зашто е напишано: „Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!“
11А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, зашто „Праведниот ќе живее преку верата.“
12А Законот не е од верата, туку зборува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“
13Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!“,
14така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата.
15Браќа, зборувам како човек: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растура ниту му додава нешто.
16Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е речено: „И на семињата“, како за мнозина, туку како за еден: „И на семето твое“, кое е Христос.
17Ова сакам да го кажам: Заветот што Бог го даде не може да биде обезвреден од Законот, кој е настанат четиристотини и триесет години подоцна, така што ветувањето би можело да ја изгуби силата.
18Зашто, ако наследството е добиено по Законот, тоа веќе не е според ветувањето; а на Авраам Бог му го дари по ветување.
19Зошто е, пак, даден Законот? Тој е додаден поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, преку рака на посредник.
20Но посредникот не може да биде само посредник на еден, а Бог е еден.
21Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправданието ќе произлегуваше од Законот.
22Но Писмото сите ги затвори под грев, па преку верата во Исус Христос да им се даде ветеното на оние кои веруваат.
23Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата која требаше да се открие.
24И така, Законот беше за нас воспитувач да нѐ доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата;
25а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач.
26Зашто сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус;
27сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте.
28Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко — женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус.
29А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.