1Еве ги старешините на домовите и родословијата на оние, кои со мене тргнаа на пат од Вавилон, во времето на царувањето на царот Артаксеркс:
2од потомците на Финес — Гершом; од потомците на Итамар — Даниел; од потомците на Давид — Хатуш;
3еден од синовите на Шеканија; од потомците на Парош — Захарија, со кого беа запишани сто и педесет мажи.
4Од потомците на Пахат-Моав — Елјехоенај, син на Зерахија, и со него двесте мажи.
5Од потомците на Зату — Шеканија, син на Јахазиел, и со него триста мажи.
6Од потомците на Адин — Евед, син на Јонатан, и со него педесет мажи.
7Од потомците на Елам — Исаија, синот на Готолија, и со него седумдесет мажи.
8Од потомците на Сафатија — Зевадија, синот на Михаил, и со него осумдесет мажи.
9Од потомците на Јоав — Авдија, синот на Јехиил, и со него двесте и осумдесет мажи.
10Од потомците на Бани — Шеломит, синот на Јосифија, и со него сто и шеесет мажи.
11Од потомците на Бевај — Захарија, синот на Бевај, и со него дваесет и осум мажи.
12Од потомците на Азгад — Јоханан, син на Хакатан, и со него сто и десет мажи.
13Од потомците на Адоникам, кои тргнаа подоцна, ова се нивните имиња: Елифелет, Јеиел, и Шемаја, и со нив шеесет мажи.
14Од потомците на Бигвај — Утај и Захур, и со нив седумдесет мажи.
15Ги собрав кај реката, која тече низ Ахава, и таму престојувавме три дена, и, откако го прегледав народот и свештениците, открив дека нема ниеден од потомците на Левиј.
16Тогаш испратив да го повикаат Елиезер, Ариил, Шемаја, Елнатан, Јарив, Елнатан, Натан, Захарија и Мешулам — старешини, и Јојарив и Елнатан — познавачи на законот;
17и им дадов порака за Идо, началникот на местото Касифија, и ги поучив како да му зборуваат на Идо и на неговите соработници, храмови прислужници од Касифија за да ни доведат служители за домот на нашиот Бог.
18И бидејќи благодатната рака на нашиот Бог беше над нас, тие ни доведоа еден разумен човек, од потомците на Махлиј, син Левиев, син Израелов, Шеревија со синовите негови и браќата негови — осумнаесет души;
19и Хашавија и со него Исаија од потомците Мерариеви, неговите браќа и нивните синови — дваесет;
20и од слугите на храмот што ги определија Давид и неговите началници за прислуга на левитите, двесте и дваесет прислужници; сите тие беа спомнати по име.
21Тогаш објавив таму пост при реката во Ахава за да се смириме пред лицето на нашиот Бог и да измолиме од Него успешен пат за себе, за децата свои и за целиот имот,
22бидејќи ми беше срам да барам од царот војска и коњаници да нѐ чуваат од непријателите по патот, зашто ние, кога зборувавме со царот, рековме: „Раката на нашиот Бог е благодатна за сите, а силата Негова и Неговиот гнев стои над сите што Го оставаат!“
23И така, ние постевме и Го молевме нашиот Бог за тоа, и Тој нѐ послуша.
24Тогаш одвоив дванаесетмина од главните свештеници: Шеревија и Хашавија, и со нив уште десетмина;
25и им го предадов со мера среброто и златото и садовите, — сѐ што беше жртвувано за домот на нашиот Бог, она што го жртвуваа царот, советниците негови, кнезовите негови и Израелци, што беа таму.
26И им предадов во рацете нивни со мерка: сребро — шестотини и педесет кикари, и сребрени садови — за сто кикари, злато — сто кикари,
27златни чаши — дваесет, кои чинеа илјада даријки, и два сада од најдобар, блескав бакар, ценет како злато.
28И им реков: „Вие сте Му свети на Господ, и садовите се свети, и среброто и златото — доброволен прилог на Господ, Бог на вашите предци.
29Бидете будни и чувајте го тоа, додека да го предадете со мерка на началниците над свештениците, левитите и старешините Израелови во Ерусалим, во одаите на домот Господов.“
30Свештениците и левитите го примија измереното сребро, злато и садови за да ги однесат во Ерусалим, во домот на нашиот Бог.
31Тогаш тргнавме од реката во Ахава на дванаесеттиот ден од првиот месец за да одиме во Ерусалим; и раката на нашиот Бог беше над нас и нѐ чуваше од непријателска рака и од оние што ни правеа заседи по патот.
32И стигнавме во Ерусалим, каде што престојувавме три дни.
33На четвртиот ден го предадовме со мера среброто, златото и садовите во домот на нашиот Бог во рацете на свештеникот Меремот, синот Уриев, на Елеазар, синот на Финес, со кои беа левитите Јозавад, синот на Јешуа, и Ноадија, синот на Бинуј.
34Сѐ беше изброено и измерено, а тежината на сѐ што беше измерено, беше забележана во истиот момент.
35Дојдените преселеници од пленство Му принесоа на Бог Израелов дванаесет телиња за сиот Израел, деведесет и шест овни и — седумдесет и седум јагниња како сепаленици и дванаесет јарци како жртва за грев: сето тоа за сепаленици на Господ.
36И ги предадоа царските заповеди на царските сатрапи и на задречните управители, и тие го почитуваа народот и домот Божји.