Ezra 4
1 Непријателите Јудини и Венијаминови слушнаа дека вратените од пленството градат храм на Господ, Бог Израелов;
2 и дојдоа кај Зоровавел и кај поглаварите на родовите и им рекоа: „Да градиме и ние со вас, зашто и ние како вас Му се поклонуваме на вашиот Бог, и Нему Му принесуваме жртви од дните на Есар-Хадон, асирскиот цар, кој нѐ пресели овде.“
3 Зоровавел, Јешуа и другите кнезови на родовите израелски им одговорија: „Не може да градите заедно со нас дом на нашиот Бог; ние сами ќе градиме дом на Господ, Бог Израелов, како што ни заповеда Кир, царот персиски.“
4 Тогаш народот на онаа земја, почна да му ги ослабува рацете на јудејскиот народ и да му пречи во градењето;
5 и поткупуваа советници против нив за да ја расипуваат намерата нивна во текот на сето време од владеењето на Кир, царот персиски, до царувањето на Дариј, цар персиски.
6 А кога царуваше Ксеркс, на почетокот од неговото царување, напишаа обвинение против жителите на Јудеја и на Ерусалим.
7 Исто така во дните на Артаксеркс пишуваа и Бишлам и Митредат, и Тавел и други нивни другари до Артаксеркс, царот персиски. Писмото беше напишано со арамејско писмо и на арамејски јазик.
8 Рехум, царскиот помошник и Шимшај, секретарот, напишаа вакво писмо против Ерусалим до царот Артаксеркс:
9 Од Рехум, царскиот помошник, Шимшај — писар и останатите нивни соработници; жителите од Дин, Афарсатах, Тарпел, Афарес, Ерех, Вавилон, Суза, Деха, Елам,
10 и останатите народи што ги пресели големиот и славниот Оснапар и ги насели во градовите на Самарија и во другите градови на самарјанската област од онаа страна на Реката.
11 Еве препис од писмото што му го испратија нему: „До царот Артаксеркс, твоите слуги, луѓето што живеат од онаа страна на Реката ти праќаат поздрав.
12 Да знаеш, царе, дека Јудејците што излегоа од тебе и дојдоа кај нас во Ерусалим, тој бунтовен и лош град, прават ѕидови, чии темели веќе ги поправија.
13 Но да знаеш, царе, дека ако тој град биде изграден и ѕидиштата негови обновени, тие нема да плаќаат ни данок, ни летнина, ни царина, и царската ризница ќе има загуба.
14 А бидејќи јадеме леб од царскиот дворец, и не можеме да ја гледаме таа загуба за царот, затоа испраќаме известување до царот.
15 Нека се побара во книгата на летописите на твоите предци, и ќе се најде во таа летописна книга и ќе се дознае дека овој град е град одметник и пакосен за царевите и областите и дека во него настанувале бунтови во старо време, поради што овој град бил опустошен.
16 Затоа му соопштуваме на царот дека, ако овој град биде изграден и ѕидиштата негови поправени, нема да имаш власт од онаа страна на Реката.“
17 Царот му испрати одговор: „До Рехум, царскиот помошник, и до Шимшај, писарот, и до другите нивни соработници што живеат во Самарија и во другите градови од онаа страна на Реката, поздрави.
18 Писмото што ми го испративте, ми беше јасно прочитано.
19 Затоа јас наредив да се побара, и пронајдоа дека овој град уште од старо време се бунтувал против царевите, и во него имало одметнувања и немири.
20 Во Ерусалим имало силни цареви, кои владееле во целата задречна област и кои земале данок, летнина и царина.
21 И така, дајте заповед, тие луѓе да престанат да работат, и тој град да не се гради, додека не заповедам јас.
22 Бидете внимателни за да не испуштите нешто од пред очите свои. Зошто да се дозволува да расте злото на штета на царевите?“
23 Штом писмото на царот Артаксеркс беше прочитано пред Рехум и Шимшај, писарот, и другарите нивни, тие без одлагање отидоа во Ерусалим кај Јудејците и насилно им ја забранија работата.
24 Тогаш сопреа работите околу Божјиот храм во Ерусалим, сѐ до втората година од царувањето на персискиот цар Дариј.