Ezekiel 72006

1И дојде слово Господово до мене:

2„Ти, сине човечки, кажи — така вели Господ Бог — свршеток на земјата израелска; дојде свршетокот на сите четири краишта земни.

3Ете, дојде свршетокот за тебе; и ќе го пратам врз тебе гневот Свој, и ќе ти судам според патиштата твои, и ќе ги натоварам врз тебе сите гадотии.

4И окото Мое нема да те зажали и нема да се смилувам, но ќе ти платам според твоите патишта, гадотиите твои во тебе ќе останат и ќе разберете дека Јас сум Господ.

5Така вели Господ Бог: несреќа врз несреќа ќе те снајде!

6Свршетокот дојде, дојде свршетокот, се крена против тебе: ете дојде!

7Дојде напаста до тебе, жителу на овој крај, иде време, се приближува денот на смутот, а не на весели повици по планините.

8Ете, наскоро ќе ја излеам врз тебе јароста Своја и ќе го истурам гневот Свој врз тебе, ќе ти судам според твоите патишта и ќе ги натоварам врз тебе сите твои гадотии.

9И окото Мое нема да те пожали, и нема да се смилува. Според твоите патишта ќе ти платам, и твоите гадотии ќе останат во тебе; и ќе разберете дека Јас сум Господ, Кој казнува.

10Ете го денот, еве дојде, настапи напаста, процути стапот, гордоста пупи.

11Силата станува против жезолот на беззаконието: ништо нема да остане од нив, — ни од богатството нивно, ниту од шумата нивна, ниту, пак, од раскошот нивни.

12Дојде времето, настапува денот: купувачу, не радувај се, продавачу не плачи, зашто гневот е врз нив сите.

13Зашто, кој продал, нема да се врати кај продаденото, макар да останал жив; бидејќи пророчкото видение за целото нивно множество нема да се измени, и никој со беззаконието свое нема да го зацврсти животот свој.

14Трубат со трубата и сѐ се готви, но никој не оди во војна; зашто Мојот гнев е врз сето нивно множество.

15Надвор од куќата — меч, а во куќата — помор и глад. Кој се наоѓа во полето, од меч ќе умре, а кој е во градот, него гладот и поморот ќе го проголта.

16А преживеаните од тоа ќе избегаат и ќе бидат во планините како гулаби од долина; сите тие ќе стенкаат, секој заради своето беззаконие.

17На сите рацете ќе им опаднат, и на сите колената ќе им затреперат.

18Тогаш ќе се опашат во вреќишта и трепет ќе ги опфати; и лицето на сите ќе ги покрие срам и на главите — нивни ќе има ќелавост.

19Среброто ќе си го исфрлаат по улици и златото нема да го почитуваат. Среброто нивно и златото нивно нема да биде во сила да ги спаси во денот на Господовата јарост. Тие нема да ги наситат со нив душите свои, и нема да ги наполнат утробите свои, бидејќи тоа беше причина за нивниот грев.

20И со убавиот накит свој тие се гордееја и правеа уметнички творби за гадотиите свои со идоли; затоа ќе го направам нечисто за нив.

21И ќе го дадам како плен во рацете на туѓинци и на грешници земни, за да го разграбаат, и тие ќе го осквернат.

22И ќе го одвратам од нив лицето Свое и ќе го осквернат Моето свети­лиште; и ќе влезат таму грабители и ќе го осквернат.

23Приготвив вериги, зашто таа земја е полна со крвави злодејства, и градот е полн со насилие.

24Јас ќе доведам најлоши народи и тие ќе ги завладеат домовите нивни. И ќе ставам крај на гордоста кај силните, и ќе бидат осквернети и светињите нивни.

25Иде погибелта; ќе бараат мир и нема да го најдат.

26Беда ќе следува по беда и една лоша вест по друга; и ќе бараат од пророкот видение и нема да има поуки кај свеш­тениците и совет кај старците.

27Царот ќе тажи, и кнезот ќе го обзе­ме ужас, и рацете на народот во земјата ќе треперат. Ќе постапам со нив според нивните патишта, според нивниот суд ќе ги судам; и ќе разберат дека Јас сум Господ.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Ezekiel 7.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.