Ezekiel 6
1 И дојде слово Господово до мене:
2 „Сине човечки, сврти го лицето свое кон горите Израелови и пророкувај против нив,
3 и кажи — планини израелски, чујте го словото на Господ Бог. Вака им вели Господ Бог на горите и на ридовите, на долините и на долиштата: ‚Еве, Јас ќе испратам меч врз вас, и ќе ги кутнам вашите идолски светилишта;
4 и жртвениците ќе ви бидат опустошени, и столбовите во чест на сонцето ќе бидат искршени, и вашите убиени ќе ги фрлам пред вашите идоли;
5 ќе ги поставам труповите на синовите Израелови пред нивните идоли, и ќе ги расфрлам коските ваши околу вашите жртвеници.
6 Насекаде, каде што живеете, градовите ќе ви бидат опустошени и идолските светилишта разурнати, за да бидат опустошени и уништени вашите жртвеници, за да бидат разбиени и уништени вашите идоли и искршени вашите сончеви столбови, и да ги снема делата од вашите раце.
7 Меѓу вас ќе има убиени, и ќе разберете дека Јас сум Господ.
8 Но Јас ќе го запазам остатокот, така што меѓу народите ќе останат од вас што избегнале меч, кога ќе бидете расеани по земјите.
9 И преживеаните ваши ќе се сетат за Мене меѓу народите каде што ќе бидат одведени во ропство, кога ќе им го скршам блудното срце, кое се одметна од Мене, и очите нивни, што блудствуваа меѓу идолите; тогаш тие ќе почувствуваат одвратност спрема себеси за злото што го вршеле во сите градови свои;
10 и ќе разберат дека Јас сум Господ; и дека не залудо зборував дека врз нив ќе испратам таква беда.‘“
11 Вака вели Господ Бог: „Плесни со рацете свои, тропни со ногата своја — тешко за сите поради одвратните злодела на домот Израелов; ќе паднат тие од меч, глад и помор.
12 Кој е далеку, ќе умре од помор, а кој е близу — ќе падне од меч; а оној што ќе остане и избегне, од глад ќе умре; така ќе заврши гневот Мој врз нив.
13 Ќе разберат дека Јас сум Господ, кога поразените ќе лежат меѓу своите идоли околу жртвениците нивни, на секој висок рид, на секој планински врв, под секое зелено дрво и под секој разгранет даб, таму каде што им принесуваа благопријатни кадења на своите идоли.
14 И ќе ја протегнам врз нив раката Своја и ќе ја направам земјата пустина и степа од пустината на југ до градот Дивла на север, насекаде, каде што живеат, и ќе познаат дека Јас сум Господ.“