Ezekiel 39
1 Ти, сине човечки, изречи пророштво против Гог и кажи — вака вели Господ Бог: „Еве, Јас сум против тебе, Гог, кнезу на Рош, Мешех и Тувал.
2 Ќе те вратам и ќе те поведам, ќе те изведам од северните предели и ќе те доведам на планините израелски.
3 Ќе го исфрлам лакот од твојата лева рака и ќе ти ги исфрлам стрелите од твојата десна рака.
4 Ќе паднеш на израелските планини, ти и твоите полкови и народите што ќе бидат со тебе; ќе дозволам да те изедат секакви грабливи птици и ѕверови полски.
5 Ќе паднеш на откриено поле, зашто Јас го реков тоа, вели Господ Бог.
6 И ќе испратам оган врз земјата Магог и врз жителите на островите, кои живеат безгрижно, па ќе познаат дека Јас сум Господ.
7 Ќе го покажам Своето свето име меѓу Мојот народ Израел и нема веќе да дозволам во иднина да се сквернави името Мое свето, па ќе познаат народите дека Јас сум Господ, Светецот Израелов.
8 Ете, тоа ќе дојде и ќе се збидне, вели Господ Бог, тоа е денот, за кој ви зборував.
9 Тогаш жителите на градовите израелски ќе излезат, ќе запалат оган и ќе го изгорат оружјето, штитовите и заштитниците, лаковите и стрелите, боздоганите и копјата: седум години ќе ги горат.
10 И нема да носат дрва од полето, ниту пак ќе сечат од горите, туку ќе го горат само оружјето; ќе ги ограбат своите грабители и ќе ги оберат своите обирачи, вели Господ Бог.
11 Во тој ден ќе му дадам на Гог место за гробница кај Израел во долината на патниците, источно од морето, и таа таму ќе ги задржува патниците: таму ќе го погребуваат Гог и сета негова војска, а ќе ја наречат Долината на Гоговиот народ.
12 Домот Израелов ќе ги погребува седум месеци, за да ја очисти земјата.
13 И сиот народ од земјата ќе ги погребува, и за нив тој ден ќе биде знаменит, во кој Себе ќе се прославам, вели Господ Бог.
14 И ќе определат луѓе, кои постојано ќе го обиколуваат пределот и со помош на патниците да се погребуваат другите по лицето земјино, — за да ја очистат; по седум месеци тие ќе почнат да бараат.
15 И кога некој од оние, што ќе минуваат по земјата, ќе види човечка коска, ќе стави до неа знак, додека погребувачите не ја закопаат во Долината на Гоговиот народ.
16 Таму ќе има и град по име Хамона. Така ќе го очистат тие пределот.“
17 А ти, пак, сине човечки, — така вели Господ — кажи им на сите видови птици и на сите ѕверови полски: соберете се и дојдете, побрзајте од сите краишта кон Мојава жртва, што Јас ќе ја заколам за вас, кон големата жртва на планините израелски, и ќе јадете месо и ќе пиете крв;
18 месо од силни мажи ќе јадете и ќе пиете крв од кнезови земни, од овни, од јагниња, од козли и од телиња — сите тие се згоени во Башан,
19 ќе јадете мрснотија до наситување и ќе пиете крв до опивање од Мојата жртва, што Јас ќе ја заколам за вас.
20 И на Мојата трпеза ќе се наситите на коњи и коњаници, на мажи силни, на секаков вид воени лица, вели Господ Бог.
21 Ќе ја покажам славата Своја меѓу народите и сите народи ќе го видат Мојот суд, што Јас ќе го извршам, и Мојата рака, што Јас ќе ја кренам врз нив.
22 И ќе разбере домот Израелов дека Јас сум Господ Бог нивни од денес и натаму.
23 Ќе познаат народите дека домот Израелов беше преселен поради својата неправда; зашто тие постапија неверно пред Мене, Јас го сокрив од нив лицето Мое и ги предадов во рацете на непријателите нивни, и тие сите паднаа од меч.
24 Поради нечистотиите нивни и поради гревовите нивни Јас го направив тоа со нив и го сокрив од нив лицето Мое.
25 Затоа вака вели Господ Бог: сега ќе ги вратам плениците на Јаков, ќе се смилувам над сиот дом Израелов и ќе бидам љубоморен на Моето свето име.
26 Па ќе го почувствуваат тие своето бесчестие и сите свои беззаконија што ги вршеа пред Мене, кога ќе живеат во земјата своја во мир, ќе заживеат спокојно, и нема никој да ги заплашува,
27 кога ќе ги вратам откај народите и ги соберам од земјите на нивните непријатели и ја покажам во нив светоста Моја пред очите на многу народи.
28 И ќе познаат дека Јас сум нивниот Господ Бог, Кој откако ги растурив меѓу народите, одново ќе ги соберам во нивната земја и нема да оставам таму ниту еден од нив.
29 И веќе нема да го сокривам лицето Свое од нив, затоа што ќе излеам Јас од Мојот дух на домот Израелов, вели Господ Бог.