Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 4

:
Macedonian - 2006
1 Тогаш Мојсеј одговори и рече: „А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат ‚Не ти се јавил Господ?‘“
2 А Господ му рече: „Што ти е тоа во раката?“ А тој одговори: „Стап.“
3 И му рече: „Фрли го на земја!“ И го фрли на земја, а тој стана змија. И Мојсеј избега од неа.
4 А Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката.“ И ја испружи раката и ја фати, и пак стана стап во раката негова.
5 „Така ќе поверуваат дека ти се јавил Господ, Бог на татковците нивни, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“
6 И пак му рече Господ: „Стави ја сега раката своја во пазувата своја!“ И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег.
7 И му рече: „Стави ја пак раката сво­ја во пазувата своја!“ И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово.
8 „Па, ако не ти поверуваат и не го послушаат гласот твој при првиот знак, ќе ти поверуваат при вториот знак.
9 А ако не поверуваат ни на двата знака и не го послушаат гласот твој, а ти тогаш земи вода од реката, и истури ја на копното; и водата, земена од реката, ќе се претвори во крв на земјата.“
10 А Мојсеј Му рече на Господ: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам.“
11 А Господ рече: „Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не сум тоа Јас, Господ?
12 Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата, и ќе те научам, што да зборуваш.“
13 Но тој пак рече: „Те молам, Гос­по­ди, избери друг, што ќе го испратиш.“
14 И се разгневи Господ на Мојсеј, и рече: „Нели ти е брат Арон левитот? Знам дека е способен да зборува; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во срцето свое.
15 Нему ќе му говориш и ќе ги ставаш зборовите во устата негова; а Јас ќе бидам со устата твоја и со устата негова и ќе ви покажам што да правите.
16 И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога.
17 А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.“
18 Тогаш отиде Мојсеј и се врати кај својот тест Јотор и му рече: „Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.“ Јотор му рече на Мојсеј: „Оди со здравје!“
19 И Господ му рече на Мојсеј во Мидјан: „Оди, врати се во Египет, заш­то изумреа сите, што ја бараа душата твоја.“
20 Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и синовите свои, и ги качи на магариња, и замина за Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја.
21 И му рече Господ на Мојсеј: „Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гле­дај да ги направиш пред фараонот сите чуда, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот.
22 А ти кажи му на фараонот: Вака вели Господ: Израел е Мојот првороден син.
23 Јас ти велам: пушти го синот Мој да Ми служи. Ако не го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороден син.“
24 И кога патем ноќеваше, го сретна Господ и сакаше да го убие.
25 Тогаш Ципора зеде остар камен, и ја обреза крајната плот на својот син, и фрлајќи ја пред нозете негови, рече: „Ти си мојот крвав младоженец.“
26 Тогаш Тој отиде од него; а таа рече: „Поради обрезанието си крвав мла­доженец.“
27 А Господ му рече на Арон: „Излези во пустината и оди да го сретнеш Мојсеј!“ И тој отиде и го сретна на планината Божја, и го бакна.
28 Мојсеј, пак, му ги кажа на Арон сите зборови Господови: Кој го испрати, и сите чуда, што му заповеда да ги изврши.
29 И отидоа Мојсеј и Арон и ги собраа сите старешини на синовите израелски.
30 А Арон ги кажа сите зборови, што му ги беше кажал Господ на Мојсеј, а Мојсеј ги изврши сите чуда пред очите на народот.
31 Народот поверува. И откако слуш­наа дека Господ ги посетил синовите израелски и погледнал на маката нивна, паднаа на колена и се поклонија.