Exodus 19
1 Во првиот ден од третиот месец, откако излегоа синовите израелски од египетската земја, во ден на млада месечина, стигнаа во Синајската Пустина.
2 Поаѓајќи од Рефидим, дојдоа во Синајската Пустина, и се улогори Израел таму спроти гората.
3 И Мојсеј се искачи кај Бога, и му се јави Господ, велејќи: „Кажи му на домот Јаковов, и извести ги синовите на Израел:
4 ‚Сами видовте што им направив на Египќаните и како ве изнесов на крилја орлови, ве прибрав кај Себе.
5 Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи, зашто Моја е целата земја.
6 И вие ќе Ми бидете царство на свештеници и свет народ.‘ Тоа се зборовите, што ќе им ги кажеш на синовите израелски.“
7 Потоа Мојсеј дојде и ги повика народните старешини; и им ги изложи сите овие зборови, што му ги заповеда Господ.
8 И сиот народ одговори еднодушно и рече: „Сѐ што рекол Господ ќе направиме.“ Тогаш Мојсеј Му ги соопшти на Господ зборовите на народот.
9 А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, Јас ќе дојдам кај тебе во густ облак, за да чуе народот, како ќе зборувам со тебе, па да ти поверува засекогаш.“ Зашто Мојсеј Му ги беше соопштил на Господ зборовите народни.
10 И му рече Господ на Мојсеј: „Појди кај народот и освети го денес и утре; и нека ги исперат облеките свои;
11 и нека се приготват за третиот ден, зашто во третиот ден ќе слезе Господ на Синајската Гора пред сиот народ,
12 а ќе поставиш граници за сиот народ од сите страни и ќе им кажеш: ‚Пазете да не се качувате на планината и да не се допирате до подножјето нејзино; секој, кој ќе се допре до планината, ќе загине.
13 Никаква рака да не се допре до него, туку со камења да биде убиен или со стрела да биде застрелан; добиток ќе е или човек, жив да не остане. А кога трубата ќе затруби отегнато, тогаш ќе можат да се качат на планината.‘“
14 И Мојсеј слезе од планината кај народот и го освети народот; и тие ги испраа облеките свои.
15 И му рече на народот: „Бидете готови за третиот ден; и не приближувајте се до жена!“
16 А третиот ден, на осамнување, загрме и молњи засветкаа, и настана густ облак над планината, и затруби труба со многу силен глас, така што затрепери сиот народ, кој беше во логорот.
17 Тогаш Мојсеј го изведе народот од логорот, за да Го пресретне Бога; и застанаа во подножјето на планината.
18 А Синајската Планина целата беше во дим, зашто Господ беше слегол на неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка; и целата планина силно се тресеше;
19 и гласот на трубата стануваше сѐ посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше гласно.
20 И Господ слезе на планината Синај, на врвот од планината, и го повика Господ Мојсеј на врвот од планината. Мојсеј се искачи.
21 Тогаш Бог му рече на Мојсеј: „Слези и кажи му на народот да не навалува за да Го види Господа, та да не изгинат мнозина од нив;
22 а свештениците, кои пристапуваат кон Господ, нека се осветат, за да не ги погуби Господ.“
23 Тогаш Мојсеј Му рече на Господ: „Не ќе може народот да се качи на Синајската Планина, бидејќи Ти изрично нѐ опомена, велејќи — омеѓи ја гората и освети ја.“
24 Но Господ му рече: „Оди, слези, па тогаш качете се ти и Арон со тебе; а свештениците, пак, и народот нека не навалуваат да се качат при Господ, за да не загинат.“
25 И слезе Мојсеј кај народот и му објасни.