Bible

Designed

For Churches, Made for Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 16

:
Macedonian - 2006
1 Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите израелски дојде во пустината Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од египетската земја.
2 И почна да се буни целата заедница на синовите израелски против Мојсеј и против Арон во пустината.
3 И им рекоа синовите на Израел: „О, да бевме умреле од раката Господова во земјата египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустина, за да го умрете целово ова множество со глад!“
4 А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го проверам ќе постапува ли според законот Мој или не;
5 а во шестиот ден нека го зготват она, што го собрале, и тоа ќе стане двој­но од она, што го собираат секој ден.“
6 Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот народ израелски: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од земјата египетска,
7 а утре ќе ја видите славата Гос­подова; зашто Тој го чу негодувањето ваше против Господ. Што сме ние, та да се буните против нас?“
8 Потоа Мојсеј рече: „Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; зашто го чу Гос­под негодувањето ваше, што го сто­рив­те против Него. Кои сме ние? Вашето негодување не е против нас, туку против Господ.“
9 И му рече Мојсеј на Арон: „Кажи му на целото општество на синовите израелски ‚застанете пред Господ, зашто Тој го чу вашето незадовол­ство.‘“
10 И кога Арон му зборуваше на на­родот, тие погледнаа кон пустината, и ете славата Господова се појави во облак.
11 И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:
12 „Го чув негодувањето на синовите израелски. Кажи им и речи: ‚Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, вашиот Бог.‘“
13 Вечерта долетаа потполошки и го прекрија логорот; а утрината беше паднала роса околу логорот.
14 И, ете, кога се крена росата, а тоа: по пустината лежи валчест прав, нешто како бел сињак по земјата.
15 И кога видоа синовите израелски, си велеа еден на друг: „Што е тоа?“ Зашто не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: „Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.“
16 Еве како заповеда Господ: „Соби­рајте од него, секој колку што му треба за јадење по еден омер на лице, според бројот на членовите ваши; секој според бројот на домашните што ги има во шаторот, собирајте.“
17 И направија така синовите израел­ски: и собраа, кој повеќе, кој помалку.
18 Па мереа со омер; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помал­ку, немаше недостиг; секој имаше онолку, колку што можеше да изеде.
19 И им рече Мојсеј: „Никој да не остава од тоа за утре!“
20 Но тие не го послушаа Мојсеј, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа црвоса и се усмрде. И се налути Мојсеј на нив.
21 И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што може да изеде; а кога сонцето ќе изгрееше, тоа се топеше.
22 А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе по два омера за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеј.
23 А тој им рече: „Еве што кажа Господ утре е сабота, ден за одмор посветен на Господ; што ќе печете печете, и што треба да варите варете денес; а што ќе преостане, соберете го и чувајте го за утре!“
24 И оставија од него за утре, како што заповеда Мојсеј, и тоа не се усмрде, ниту имаше црвје во него.
25 И Мојсеј рече: „Јадете го тоа денес, бидејќи денес е сабота Господова; денес нема да најдете од него во полето.
26 Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе го нема.“
27 И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа.
28 А Господ му рече на Мојсеј: „До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?
29 Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој во својот дом, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.“
30 И се одмараше народот седмиот ден.
31 И синовите израелски тој леб го нарекоа мана. Тој беше бел како коријандрово семе, а по вкус како медено колаче.
32 Тогаш Мојсеј им рече: „Еве што заповеда Господ: ‚Земете еден омер мана, за да се запази во родовите ваши, за да го видат лебот што го јадевте и со кој ве хранев во пустината, кога ве изведов од земјата египетска.‘“
33 И му рече Мојсеј на Арон: „Земи еден сад и стави во него еден омер мана, и постави го пред Господ, за да се чува во вашето потомство.“
34 И го постави Арон пред ковчегот на заветот, за да се чува, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.
35 А синовите на Израел јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана сѐ додека не стигнаа до границата на хананската земја.
36 А омерот е десетти дел од ефа.