Esther 1
1 Тоа беше за време на владеењето на Ксеркс, — оној Ксеркс кој царуваше над сто дваесет и седум области од Индија до Етиопија, —
2 во тоа време, кога царот Ксеркс седеше на својот царски престол што е во престолнината Суза,
3 во третата година на своето царување, тој приреди гозба за сите свои кнезови и слуги, за главните војводи на персиската и на мидиската војска и на своите обласни управници,
4 покажувајќи ги во текот на цели сто и осумдесет дена големото богатство на царството свое и големиот сјај на своето величие.
5 Откако завршија тие денови, царот приреди за народот свој, кој се наоѓаше во Суза, од најголем до најмал, седумдневна гозба во тремот на градината на царскиот дворец.
6 Бели памучни и виолетови волнени завеси, прицврстени со ленени и пурпурни врвци, за сребрени алки, висеа на мермерните столбови. Имаше златни и сребрени легла послани на подот, од зелен, бел, жолт и црвен мермер.
7 Напивките се служеа во златни разнообразни чаши; а царско вино имаше во изобилие, според богатството на царот.
8 Пиењето беше слободно: без присилување, бидејќи царот им беше заповедал на сите свои управници на домот да постапуваат според волјата на секој.
9 И царицата Астина исто така приреди гозба за жените во царскиот дом на царот Ксеркс.
10 На седмиот ден, кога срцето на царот се развесели од виното, тој им рече на Мехуман, Бизета, Харвона, Бигета, Авагета, Зетар и Каркас — седум евнуси, што служеа пред царот Ксеркс,
11 да ја доведат царицата Астина пред царевото лице со царски венец за да им ја покаже нејзината убавина на народите и на кнезовите, зашто таа беше многу убава.
12 Но царицата Астина не сакаше да дојде според царевата наредба, соопштена преку евнусите.
13 Царот многу се разгневи, и јароста пламна во него. И им рече царот на мудреците, кои ги познаваа поранешните времиња, зашто царските дела се разгледуваа пред сите што знаеја закон и правда,
14 а негови најблиски тогаш беа: Каршена, Ситар, Адмата, Тарсис, Мерес, Марсена, Мемухан — седум персиски и мидиски кнезови, кои седеа до царот на прво место:
15 „Како да постапиме според законот со царицата Астина, поради тоа што не го исполни зборот на царот Ксеркс, соопштен преку дворјаните.“
16 Тогаш рече Мемухан пред лицето на царот и на кнезовите: „Не само пред царот е виновна царицата Астина, туку и пред сите кнезови и началници царски;
17 зашто постапките на царицата ќе ги дознаат сите жени и ќе почнат да ги запоставуваат мажите свои и да говорат: ‚царот Ксеркс заповедал да ја доведат пред него царицата Астина, но таа не отишла.‘
18 Сега персиските и мидиските кнегињи, кои ќе чујат за постапката на царицата, ќе им го кажат тоа на сите царски кнезови; и ќе има горделивост, а и големи караници.
19 Ако му е на царот угодно, нека издаде царска заповед што ќе се запише во персиските и мидиските закони и да не се менува: дека Астина нема да излегува веќе пред лицето на царот Ксеркс, а нејзиното царско достоинство царот да го предаде на друга, подобра од неа.
20 Кога ќе чујат за таа царска заповед, која ќе се разнесе по целото негово царство, колку и да е големо, сите жени ќе ги почитуваат мажите свои, од најголем до најмал.“
21 Тие зборови му се допаднаа на царот и на кнезовите: и царот постапи според зборовите на Мемухан;
22 па испрати до сите царски области писма, напишани за секоја област со писмото нејзино и на секој народ на јазикот негов: секој маж да биде господар на домот свој, и тоа да му се објави на секого на неговиот роден јазик.