Ecclesiastes 4
1 Се свртев и ги видов сите неправди, што стануваат под сонцето; и ете, солзите на онеправданите, и утешител немаат; силата е во рацете на угнетувачите, а закрилник нема.
2 Па си реков: блазе им на умрените, што умреле одамна, отколку на живите, што живеат досега;
3 а поблажен е и од едните и од другите оној, што уште не постои, кој не ги видел лошите работи, што се вршат на земјата.
4 А видов исто дека секој труд и секој успех во работите предизвикува меѓу луѓето заемна завист. Но и тоа е суета и мака за духот.
5 Глупавиот седи со скрстени раце и го гризе своето сопствено тело.
6 Подобро една шепа во мир, отколку две со труд и мака во духот.
7 Се свртев и видов друга суета на земјата:
8 човек осамен, нема близок: нема ни син, ни брат, а пак на сите работи негови крај нема, и очите негови не можат да се наситат со богатство. „За кого, пак, — вели тој — се трудам и ја лишувам од добра душата своја?“ — Ете, и тоа е суета и лоша работа.
9 Подобро им е на двајца, отколку на еден, бидејќи имаат добра награда за трудот свој.
10 Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го крене другарот свој. Но тешко на еден, ако падне, ќе нема друг, кој да го крене.
11 Исто, кога лежат двајца, топло им е; а еден — како ќе се згрее?
12 И, ако некој го надвие едниот, тоа двајца ќе го навасаат; и јажето, трипати усукано, нема лесно да се скине.
13 Подобар е младинец сиромав и умен, отколку цар — неразумен и стар, кој веќе не умее да прима совети;
14 зашто младиот може да излезе од темница и да стане цар, иако се родил сиромав во царството.
15 Ги видов сите живи, што одат под сонцето, со вториот младич што ќе застане на негово место.
16 Број немаше сиот оној народ, што беше пред него, иако подоцнежните нема да му се радуваат. И тоа е суета и гонење ветер.
17 Чувај ја ногата своја, кога одиш во Божјиот дом, и биди готов повеќе да слушаш, отколку да гледаш како безумните принесуваат жртви, зашто тие не знаат дека вршат зло.