Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Daniel 2

:
Macedonian - 2006
1 Во втората година од царувањето свое Навуходоносор сони сон, од кој духот му се вознемири и не можеше да спие.
2 Па заповеда царот да ги повикаат гатачите и гледачите, маѓесниците и волшебниците за да му го протолкуваат сонот. Тие дојдоа и застанаа пред царот.
3 И им рече царот: „Сонив сон и духот ми се вознемири сакам да знам што значи тој сон.“
4 Тогаш Халдејците му рекоа на ца­рот на арамејски јазик: „Царе, да си жив довека, кажи им го на слугите својот сон и ние ќе ти објасниме што значи тој.“
5 Одговори царот и им рече на Хал­дејците: „Сонот го заборавив; ако не ми го кажете сонот и што означува тој, ќе бидете исечени на парчиња, и куќите ваши ќе бидат претворени во урнатини;
6 ако, пак, ми го кажете сонот и што означува тој, од мене ќе добиете дарови, награда и голема чест; па кажете ми го сонот и што значи тој!“
7 Тие повторно одговорија и рекоа: „Царот нека им го каже на слугите сво­јот сон и ние ќе објасниме што значи тој.“
8 Одговори царот и рече: „Гледам дека вие сакате да добиете во време, за­што гледате дека мојата одлука е неотповиклива.
9 Бидејќи не ми го кажувате сонот, вие секако имате некоја намера: се гот­вите да ми кажете лага и измама, додека мине времето; но кажете ми го сонот и тогаш ќе знам дека вие можете да ми објасните и што значи тој.“
10 Халдејците му одговорија на царот и рекоа: „На земјата нема човек што може да му го открие на царот сонот, и затоа ниеден цар, колку и да е голем и силен, не побарал нешто слично од ни­еден маѓесник, гледач или волшебник;
11 сонот, што го бара царот, е толку тежок, што никој друг не може да му го открие на царот, освен боговите, кои не живеат со смртниците.“
12 Царот се разгневи и збесна многу поради тој одговор, па заповеда да ги истребат сите вавилонски советници.
13 Кога излезе таа заповед да се убиваат советниците, го побараа Даниел и другарите негови за да ги убијат.
14 Тогаш Даниел се обрати со прет­пазливост и мудрост кон Ариох, начал­ни­кот на царските телохранители, кој бе­ше излезен да ги убива вавилонските советници,
15 и го праша Ариох: „Зошто таква страшна заповед од царот?“ Тогаш Ариох му ја објасни на Даниел целата случка.
16 Даниел појде кај царот и измоли да му даде време за да му го каже на царот толкувањето на сонот.
17 Даниел отиде дома и им ја кажа ра­ботата на своите другари Ананија, Мисаил и Азарија,
18 за да измолат милост од Небесниот Бог за таа тајна, па Даниел и другарите негови да не загинат заедно со другите вавилонски советници.
19 И тогаш тајната му беше откриена на Даниел во ноќно видение, и Даниел Го благослови Небесниот Бог.
20 И рече тогаш Даниел: „Нека е бла­гословено името на Господ од века и довека, зашто во Него има мудрост и сила.
21 Тој ги контролира времињата и годините, соборува цареви и поставува цареви, дава мудрост на мудри и знаење на разумни.
22 Тој открива што е длабоко и сокриено, знае што има во темнината и светлината живее со Него.
23 Те прославувам и величам, Боже на татковците мои, затоа што ми даде мудрост и сила и ми го откри она, за што Те молевме; зашто Ти ни го откри сонот на царот.“
24 Потоа Даниел отиде кај Ариох, кому царот му беше заповедал да ги убие вавилонските советници, влезе и му рече: „Не убивајте ги вавилонските советници; одведи ме кај царот и јас ќе му откријам што значи сонот.“
25 Тогаш Ариох веднаш го одведе Даниел кај царот и му рече: „Меѓу заробените синови на Јуда најдов човек кој може да му открие на царот што значи сонот.“
26 Царот му рече на Даниел, кој беше преименуван во Валтазар: „Можеш ли да ми го кажеш сонот што го видов и што значи тој?“
27 Даниел му одговори на царот и рече: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓесниците, ни јасновидците, ни гледачите.
28 Но на небесата има Бог, Кој открива тајни; и Тој ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне во последните денови.
29 Ти царе, на леглото свое размислуваше за она што ќе се случи во иднина, и Оној Кој открива тајни, ти покажа што ќе се случи.
30 А мене таа тајна ми се откри не затоа што сум помудар од сите живи, туку за да му биде откриена на царот смислата, и за да ги разбереш мислите што ти дојдоа во срцето.
31 Твоето видение, царе, беше вакво; ете, некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и изгледот му беше страшен.
32 Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од среб­ро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни.
33 Потколениците железни, а нозете делумно железни, делумно глинени.
34 Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината сам, удри во идо­лот, во неговите железно глинени нозе и го скрши.
35 Тогаш заедно сѐ се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни це­лата земја.
36 Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој.
37 Ти царе, цар над царевите, кому небесниот Бог му подарил царства, власт сила и слава,
38 и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив, ти си таа златна глава.
39 По тебе ќе се крене друго царство, послабо од твоето, а и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја.
40 А четвртото царство ќе биде цврсто како железо; зашто како што железото троши и дроби сѐ, така и тоа ќе дроби и ќе уништува.
41 А тоа што си ги видел нозете и прстите на нозете направени делумно од грнчарска глина и делумно од же­лезо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел желе­зо, измешано со грнчарска глина.
42 И како што прстите на нозете беа делумно од железо, а делумно од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо.
43 А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа зна­чи дека царевите на тоа царство ќе се обидат да се соединат преку мешани бракови меѓу себе, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не се меша со глината.
44 И во деновите на тие царства не­бесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно.
45 Како што виде еден камен сам падна од планината и го раздроби железото, бакарот, глината, среброто и златото. Великиот Бог му даде на царот да разбере што ќе се случи во иднина. И верен е тој сон и точно е неговото толкување!“
46 Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниел, па заповеда да му донесат дарови и благопријатни кадива;
47 и му рече царот на Даниел: „Навистина вашиот Бог е Бог над бого­вите и Господар на царевите, Кој от­крива тајни, штом ти можеше да ја откриеш оваа тајна!“
48 Тогаш царот го возвиши Даниел, му даде многу големи дарови и го постави над целата област вавилонска, како главен началник над сите вавилонски советници.
49 На молба на Даниел, царот ги пос­тави Седрах, Мисах и Авденаго над работите од земјата вавилонска, а Дани­ел остана во царскиот двор.