Bible

Designed

For Churches, Made for Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 15

:
Macedonian - 2006
1 А некои луѓе слегоа од Јудеја, и ги подучуваа браќата: „Ако не се обрезете според обичајот Мојсеев, не може да бидете спасени!“
2 А бидејќи настана бунт, и Павле и Варнава жестоко се препираа со нив, одлучија Павле и Варнава и некои дру­ги од нив да отидат горе кај апостолите и старешините во Ерусалим заради оваа препирка.
3 Тие, пак, испратени од црквата, па­туваа низ Феникија и Самарија, и рас­кажувајќи за обраќањето на нез­на­бош­ците, предизвикуваа голема радост кај сите браќа.
4 А кога пристигнаа во Ерусалим, ги примија црквата, апостолите и старе­шините, а тие известија за сѐ што на­прави со нив Бог.
5 Тогаш станаа некои од при­вр­за­ни­ци­те на фарисеите, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезува­ат, и да им се заповеда да го пазат Зако­нот Мојсеев.
6 Апостолите и старешините се соб­раа да го разгледаат тоа прашање.
7 По долго расправање, стана Петар и им рече: „Луѓе браќа, вие знаете дека Бог од првите дни ме избра меѓу вас, незнабошците од мојата уста да го слушнат словото на Евангелието и да поверуваат;
8 и Бог, Кој ги познава срцата, им пос­ведочи, и им даде Дух Свети како и нам.
9 Тој не направи никаква разлика ме­ѓу нас и нив, зашто со верата ги очисти нивните срца.
10 Сега, пак, зошто Го искушувате Бо­га, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние.
11 Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исус Христос, исто ка­ко и тие.“
12 Тогаш замолкна сето мноштво и го слушаа Варнава и Павле, кои при­кажуваа какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците.
13 А кога тие престанаа, тогаш прозборе Јаков и рече: „Мажи браќа, слуш­нете ме!
14 Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, за да избере од нив народ за Неговото име;
15 и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците како што е напишано:
16 ‚И потоа ќе се вратам и пак ќе го подигнам паднатиот дом на Давид, и неговите урнатини ќе ги поправам и ќе го издигнам,
17 за да Го побараат Господ и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова.
18 Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов.
19 Затоа јас мислам дека не треба да им прават мачнотии на незнабошците, кои се обраќаат кон Бога,
20 туку да им се заповеда да се воз­др­жуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно).
21 Зашто Мојсеј уште од старо време во секој град има луѓе, кои го про­по­ве­даат, бидејќи го читаат по синагогите секоја сабота.“
22 Тогаш апостолите и старешините заедно со целата Црква одлучија да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Вар­на­ва, и Сила, истакнати мажи меѓу бра­ќа­та, и заедно со Павле и Варнава да ги пратат во Антиохија.
23 И со своите раце им го напишаа следново писмо: „Апостолите, свеш­те­ниците и браќата ги поздравуваат бра­ќата од нееврејските народи што се во Антиохија и Сирија и Киликија.
24 Сме слушнале дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале со збо­рови, ве вознемириле, и ги потресле ду­шите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот.
25 Затоа, откако се собравме, едно­душно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите омилени Варнава и Павле,
26 луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Хрис­тос.
27 И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено.
28 Зашто Светиот Дух и ние од­лу­чив­ме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно:
29 да се воздржувате од месо принесе­но како жртва на идоли, од крв, од уда­ве­но, и од блудство. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Бидете здра­ви!“
30 И така испратени, тие дојдоа во Антиохија и кога го собраа народот, му го предадоа посланието.
31 А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утешниот збор.
32 Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги поткрепија.
33 Откако престојуваа таму некое вре­ме ги пуштија браќата со мир кај оние што ги испратија.
34 (Сила одлучи да остане, а само Јуда замина.)
35 Павле, пак, и Варнава се задржаа во Антиохија, поучувајќи и благовестувај­ќи го словото Господово заедно со мно­зина други.
36 По некое време Павле му рече на Варнава: „Да појдеме пак во сите гра­до­ви, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како жи­ве­ат.“
37 Варнава предложи да го земат со себе и Јован, наречен Марко.
38 Но Павле сметаше дека не доликува да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени.
39 Поради тоа дојде до жестока рас­пра­вија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Мар­ко, отплови за Кипар;
40 а Павле, пак, го избра Сила и замина, од браќата предаден на Божјата бла­годат.
41 И, минувајќи низ Сирија и Ки­ли­ки­ја, ги утврдуваше црквите.