1Апостолите и браќата во Јудеја, слушнаа дека и незнабошците го примиле словото Божјо.
2И кога Петар влезе во Ерусалим, обрезаните што беа со него го укорија,
3велејќи: „Ти си бил кај необрезани луѓе и си јадел со нив.“
4А Петар почна да им расправа за сѐ по ред, велејќи:
5„Јас бев во градот Јопија, и, додека се молев, во занес здогледав видение: од небото слегуваше некаков сад, како некое платниште, врзано за четирите краишта, и дојде дури до мене.
6Откако погледав во него и го разгледав, видов четириножни земни животни, ѕверови, влекачи и птици небески.
7И чув глас што ми зборуваше: ‚Стани Петре, заколи и јади!‘
8Јас, пак, реков: ‚Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.‘
9А гласот од небото повторно проговори и рече: ‚Она што Бог го очистил, ти не го сметај за погано!‘
10Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото.
11И ете, во тој час застанаа тројца луѓе, испратени кај мене од Кесарија.
12А Духот ми рече да појдам со нив, без двоумење. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек.
13Тој ни раскажа како видел ангел во куќата своја, кој застанал и му рекол: ‚Прати во Јопија луѓе и повикај го Симон, наречен Петар.
14Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе бидеш спасен ти и целиот твој дом.‘
15И кога почнав јас да зборувам, над нив слезе Духот Свети, како и над нас во почетокот.
16Тогаш се сетив на зборовите Господови: ‚Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Дух Свети.‘
17Ако, Бог им даде еднаков дар, како и нам, кои поверувавме во Господ Исус Христос, тогаш кој сум јас да Му се спротивставам на Бога?“
18Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: „Значи и на незнабошците Бог им даде покајание за живот.“
19А оние, што се беа распрснале поради гонењето до кое дојде по убиството на Стефан, стигнаа сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија, и никому не му го проповедаа словото, освен на Јудејците.
20А некои од нив — Кипрани и Киринејци, штом пристигнаа во Антиохија, почнаа да им проповедаат и на Елините, навестувајќи го Евангелието на Господ Исус.
21И раката Господова беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обратија кон Господ.
22Веста за тоа дојде до ушите на црквата ерусалимска. И тогаш го испратија Варнава да оди во Антиохија.
23А тој, кога пристигна, ја виде благодатта Господова, се зарадува, и ги бодреше сите да пребиваат во Господ со непоколебливо срце.
24Тој беше добар човек и исполнет со Дух Свети и вера. И значително мноштво луѓе се припои кон Господ.
25Потоа, Варнава тргна за Тарс да го бара Савле.
26И кога го најде, го доведе во Антиохија. И цела година тие се собираа во црквата и поучуваа големо мноштво луѓе. Во Антиохија за прв пат ги нарекоа учениците христијани.
27А во тоа време слегоа од Ерусалим во Антиохија некои пророци.
28И еден од нив, по име Агав, претскажа преку Духот дека по целата вселена ќе настане голем глад. И токму таква голема и настана во времето на царот Клавдиј.
29Тогаш учениците решија, секој, колку што има, да испрати за поткрепа на браќата, што живееја во Јудеја.
30Тоа го направија, така што го пратија собраното до старешините преку Варнава и Савле.