1Тогаш сите израелски племиња дојдоа кај Давид во Хеврон и рекоа: „Ете, ние сме твои коски и твоја плот.
2Порано, додека царуваше Саул над нас, ти го изведуваше и го воведуваше Израел; и Господ ти рече: ‚Ти ќе го пасеш Мојот народ Израел и ти ќе бидеш водач на Израел.‘“
3Тогаш сите Израелови стерешини дојдоа кај царот во Хеврон, и царот Давид направи со нив завет пред Господ во Хеврон; и го помазаа Давид за цар над сиот Израел.
4Давид беше на триесет години, кога се зацари; тој царуваше четириесет години.
5Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над целиот Израел и над Јуда.
6Царот тргна за Ерусалим заедно со луѓето свои против Јевусијците, жители од оној крај; но тие му велеа на Давид: „Ти нема да влезеш тука; слепите и сакатите ќе те избркаат“, — тоа значеше: Давид нема да влезе тука.
7Но Давид ја презеде тврдината Сион: Тоа е Давидовиот град.
8Тој ден Давид рече: „Секој што ќе ги нападне Јевусијците, нека удри со мечот и по сакатите и слепите, зашто нив ги замрази Давидовата душа.“ Затоа и се вели: „Слеп и сакат нема да влезе во домот Господов.“
9И Давид се насели во тврдината, и ја нарече Давидов град, и изгради наоколу ѕид од крајот, па сѐ до внатре.
10И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Бог Саваот беше со него.
11Тирскиот цар Хирам испрати кај Давид пратеници и кедрово дрво, дрводелци и каменоделци, и тие му изградија на Давид дом.
12Давид разбра дека Господ го определил за цар над Израел и го воздигнал царството негово заради Својот народ Израел.
13Давид си зеде уште наложници и жени од Ерусалим, откако дојде од Хеврон.
14И му се родија на Давид уште синови и ќерки. Еве ги имињата на оние што му се родија во Ерусалим: Шамуа, Шовав, Натан и Соломон,
15Јивхар, Елишуа, Нефег и Јафија,
16Елишама, Елијада и Елифелет.
17Кога Филистејците слушнаа дека Давид е помазан за цар на Израел, сите Филистејци се кренаа да го бараат Давид. Давид слушна и отиде во тврдината.
18А Филистејците дојдоа и се сместија во Рефаимската Долина.
19И Давид Го запраша Господа, велејќи: „Да одам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете мои?“ А Господ му одговори на Давид: „Оди, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во рацете твои.“
20Тогаш Давид отиде во Ваал-Перацим и таму ги совлада, и рече Давид: „Господ ги однесе пред мене непријателите мои, како вода што однесува.“ Поради тоа и она место се нарече Ваал-Перацим.
21Таму Филистејците ги оставија идолите свои, а Давид со луѓето свои ги зеде и заповеда да ги изгорат со оган.
22Филистејците пак дојдоа и поставија логор во Рефаимската Долина.
23А Давид Го праша Господа, а Господ му одговори: „Немој да им излегуваш во пресрет, туку опколи ги одзади и нападни ги откај горичката на црници.
24Кога ќе чуеш шум како кога минува некој по врвовите на црниците, тогаш појди, зашто тогаш Господ тргнал пред тебе за да ја порази филистејската војска.“
25Давид постапи токму така како што му заповеда Господ; и тој ги собори Филистејците од Гева сѐ до влезот на Гезер.