1Гневот Господов пак се разгори против Израелците и го поттикна меѓу нив Давид да рече: „Оди, преброј го Израел и Јуда.“
2И царот му кажа на војводата Јоав, кој беше при него: „Обиколи ги сите племиња Израелови и Јудини од Дан до Вирсавија, и пребројте го народот за да знам, колку народ има.“
3Јоав му рече на царот: „Господ, Бог твој, да го умножи народот толку, колку што е, и уште стократно толку, и очите на господарот мој царот да го видат тоа; но зошто мојот цар — господар го бара тоа сега?“
4Но царскиот збор кон Јоав и воените началници надвладеа. И Јоав заедно со воените началници излезе од царот да го пребројува израелскиот народ.
5Тие го минаа Јордан и се здржаа во Ароер, десно од градот; потоа поминаа низ племето на Гад, кај Јазер,
6и дојдоа во Галаад и во земјата Тахтим — Ходши; и стигнаа во Дан-Јаан и околината, а потоа во Сидон;
7дојдоа во утврдениот град Тир и во сите хивијски и ханански градови, излегоа на југ од Јудеја, во Вирсавија,
8ја обиколија целата земја и стигнаа во Ерусалим по девет месеци и дваесет дена.
9Јоав му го предаде на царот списокот за народното пребројување; и излезе дека Израелци имаше осумстотини илјади мажи, силни, способни за војна, а Јудејци — петстотини илјади.
10И откако Давид го преброи народот, срцето му затрепка. И му рече Давид на Господ: „Тешко згрешив што постапив така; и сега Ти се молам, Господи, прости му го гревот на Твојот слуга, зашто јас постапив многу неразумно.“
11Кога Давид стана на другиот ден изутрина, би слово Господово кон пророкот Гад, Давидов јасновидец:
12„Оди и кажи му на Давид: вака вели Господ: три казни ти предлагам; одбери си една од нив што ќе се исполни над тебе.“
13И дојде Гад при Давид, му соопшти и рече: „Одбери си, глад ли да биде во земјата твоја седум години, или три месеци да бегаш од непријателите свои, и тие да те гонат, или, пак, три дни да владее помор во твојата земја? Сега размисли и реши што да Му одговорам на Оној, Кој ме испрати.“
14Давид му одговори на Гад: „Многу ми е тешко; но нека паднам во рацете на Господ, зашто големо е Неговото милосрдие; само да не паднам во човечки раце.“
15И испрати Господ помор врз Израелците од утрината до определеното време и умреа од народот, од Дан до Вирсавија, седумдесет илјади души.
16И ангел Божји ја испружи раката своја над Ерусалим, за да го опустоши; но Господ се покаја за злото и му кажа на ангелот, кој го поразуваше народот: „Доста, сега спушти ја раката своја.“ А Божјиот ангел тогаш беше при гумното на Јевусиецот Орна.
17Кога Давид го виде ангелот, кој го поразуваше народот, Му рече на Господ, велејќи: „Ете, јас згрешив, јас пастирот постапив беззаконо; но овие овци што направиле? Затоа Твојата рака нека се сврти против мене и против татковиот ми дом.“
18И во тој ден дојде Гад при Давид и рече: „Оди изгради му жртвеник на Господ врз гумното на Јевусиецот Орна.“
19Тогаш Давид отиде според зборот на пророкот Гад, како што беше заповедал Господ.
20Орна погледна и виде дека царот и слугите негови доаѓаат при него; излезе Орна и му се поклони на царот ничкум до земја.
21Орна праша: „Зошто дошол мојот цар господар при својот слуга?“ Давид му одговори „Да го купам од тебе гумното за да изградам жртвеник на Господ, та да престане поморот во народот.“
22Орна му рече на Давид: „Господарот мој, царот, нека земе и принесе жртва што му е по волја. Ете, воловите за сепаленица, а колата и опремата за впрегнување на воловите — за дрва.
23Сето тоа, царе, Орна му го дава на царот.“ Орна му кажа уште на царот: „Господ, твојот Бог, нека биде милостив кон тебе!“
24Но царот му рече на Орна: „Не, јас ќе ти платам, колку што чини, и нема да му принесам на Господ, мојот Бог, жртва, земена како дар.“ И Давид го купи гумното и воловите за педесет шекели сребро.
25Давид изгради таму жртвеник на Господ и принесе сепаленици и жртви за мир. И Господ се смилостиви над земјата и поморот кај Израелците престана.