1Еве ги последните Давидови зборови: „Слово на Јишаевиот син Давид, беседа на мажот, кој е високо поставен, на помазаникот на Бога Јаковов и на слаткопевецот Израелов:
2‚Духот Господов говори преку мене, и словото Негово е на јазикот мој.
3Рече Бог Израелов, карпата Израелова ми говори: Оној што господари со луѓето, нека биде праведен, да господари со страхопочит кон Бога.
4И како што изутрина на разденување, при изгрејсонце на безоблачно небо, од греењето по дожд израснува од земјата трева,
5така е и со мојот дом во Бога. Зашто Тој направи со мене завет вечен, цврст и неизменлив. Така излегува од Него сето мое спасение и сета моја желба.
6А нечестивите ќе бидат како исфрлено трње, кое не се фаќа со рака;
7но кој сака да се допре до него, се вооружува со железо или со дрво од копје, и на местото во оган го изгорува.‘“
8Еве ги имињата на јунаците Давидови: Тахкемониецот Јошев-Башевет, главен меѓу тројцата: тој го крена копјето свое против осумстотини души и ги порази наеднаш.
9По него беше Елеазар, син од братот на татко му, еден од тројцата јунаци што беа со Давид и кои со префрлувања ги предизвикуваа Филистејците, кога тие се беа собрале да војуваат.
10Израелците излегоа против нив, и тој застана и ги поразуваше Филистејците дотаму, додека му се измори раката и се прилепи до мечот. И во тој ден Господ даде голема победа, и народот тргна по него, само за да ги собира убиените.
11По него — Шама, син на Агеј од Харар. Кога Филистејците се собраа на едно место, каде што имаше нива засеана со леќа, народот избега од Филистејците,
12но тој застана среде нивата и ја заштити и ги порази Филистејците. И тогаш Господ даде голема победа.
13Тие тројца главни меѓу триесетте војводи тргнаа и на почетокот на жетвата влегоа кај Давид во Адуламската пештера, додека филистејските војници логоруваа во Рефаимската Долина.
14Тогаш Давид беше во укрепено место, а филистејската војска во Витлеем.
15Давид побара да пие и рече: „Кој ќе ми донесе да пијам вода од витлеемскиот кладенец што е покрај портите?“
16Тогаш тие тројцата јунаци се провреа низ филистејскиот логор, зафатија вода од витлеемскиот кладенец што е при портите, и зедоа, па му донесоа на Давид. Но тој не сакаше да ја пие, туку ја излеа во слава на Господ,
17и рече: „Да ме чува Господ да го направам тоа! Не е ли тоа крв на луѓето што одеа, со опасност по животот свој?“ И не сакаше да пие. Ете што извршија тие тројца јунаци!
18А Авеса, братот на Јоав, а син на Саруја беше началник меѓу тројцата; тој уби со копјето свое триста души и се прослави меѓу тие тројца.
19Меѓу тројцата тој беше многу истакнат и им стана началник, но на оние тројца не им беше рамен.
20Ванеја, син на храбриот маж Јодај, од Кавцеел, голем по делата, ги порази двајцата синови на Ариил моавски; тој истиот слезе во еден ров и уби лав по снежно време;
21тој уби и еден Египќанец, виден човек; Египќанецот имаше во раката копје, а тој излезе против него со стап и го грабна копјето од раката на Египќанецот и го уби со неговото копје,
22ете, тоа го изврши Јехојадаевиот син Ванеја, и беше славен меѓу тројцата јунаци;
23тој беше повиден од триесетте, но на оние тројца не им беше рамен. И Давид го постави за најблизок извршител на заповедите свои.
24Еве ги имињата на јунаците при царот Давид: Асаил, братот на Јоав — во бројот на триесетте; Елханан, синот на Додо, од Витлеем,
25Шама од Харод, Елика од Харод,
26Хелец од Пелет, Ира, синот на Икеш од Текоа,
27Авиезер од Анатот, Мевунај од Хуша,
28Селмон од Ахох, Махарај од Нетофа,
29Хелев, син на Баана, од Нетофа, Итај, син на Ривај од синовите Венијаминови во Гива,
30Ванеја од Пиратон, Хидај од Нахале-Гааш.
31Ави-Алевон од Арава, Азмавет Бархумиецот,
32Елијахба од Шаалевон; од синовите на Јашен — Јонатан,
33Шама од Харар, Ахијам, син Шараров,
34Елифелет, син Ахазбаев, син на еден човек од Маахат, Елијам, син на Ахитофела — Гилонецот.
35Хецрај од Кармил, Паарај од Арав,
36Јигал, Натанов син — од Цова, Ваниј од племето на Гад,
37Целек Амонецот, Нахарај Бееротеецот, оруженосец на Јоав, Саруев син,
38Ира Јитриецот, Гарев Јитриецот,
39Урија Хитиецот. Сѐ — триесет и седум.