2 Samuel 212006

1Во дните на Давид имаше по земјата три години глад, година по година. Давид Го праша Господа. И Господ рече: „Тоа е поради Саул и крвничкиот дом негов, поради тоа што ги убиваше Гаваонците.“

2Тогаш царот ги повика Гаваонци­те и зборуваше со нив. Гаваонците не беа од Израеловите синови, туку остатоци од Аморејците, на кои Израелците им се заколнаа дека ќе ги поштедат, но Саул сакаше да ги уништи од ревност кон потомците на Израел и на Јуда.

3И Давид им рече на Гаваонците: „Што да направам за вас и со што да ве задоволам за да го благословите наследството Господово?“

4Гаваонците му одговорија: „Не ни треба ни сребро, ни злато од Саул, ниту од неговиот дом, не ни треба да биде убиен некој од Израел.“ Тој праша: „А што сакате? Јас ќе напра­вам.“

5Тие му одговорија на царот: „Од оној човек што нѐ погубуваше и сака­ше да нѐ истреби, за да нѐ нема ника­де во израелските предели, —

6од неговите потомци предај ни седум души, и ние ќе ги обесиме среде бел ден пред Господ во Гива, градот на Саул, избраник Господов.“ А царот рече: „Ќе ви предадам.“

7Но царот го поштеди Мемфивос­теј, синот на Јонатан, Сауловиот син, поради клетвата во името Господово, која беше меѓу нив, меѓу Давид и Сауловиот син Јонатан.

8И ги зеде царот двајцата синови на Рицпа, ќерката на Аја, што таа му ги беше родила на Саул — Армониј и Мем­фивостеј, и петте синови на Ми­хала, што таа му ги беше родила на Адриел, синот на Верзелиј од Мехола.

9И ги предаде во рацете на Гаваон­ците, и тие ги обесија среде бел ден на гората пред Господ. И загинаа сите тие седум души заедно; тие беа погубени во првите дни на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва.

10Тогаш Рицпа, ќерката на Аја, зе­де вреќа, си ја посла на карпа, и седеше од почетокот на жетвата, сѐ додека не се излеаја врз нив од небото Божјите води, и не остави да се допрат до мртвите тела птиците небески дење, и полските ѕверови ноќе.

11И му соопштија на Давид што направила Рицпа, ќерката на Аја, Сауловата наложница.

12Давид отиде, та ги прибра коските на Саул и коските на синот негов Јона­тан од жителите на Јавеш Галаадски, кои ги беа зеле тајно од плоштадот на Бет-Шан, каде што ги беа обесиле Фи­листејците, во денот кога Филистејците го убија Саул во Гелвуја.

13Тој ги пренесе оттаму коските на Саул и коските на синот негов Јонатан; и ги собра коските на обесените.

14И ги погреба коските на Саул и на синот негов Јонатан, во земјата Вени­јаминова, во Цела, во гробот на татко му Кис. И извршија сѐ што беше запо­ведал царот. И потоа Бог се смили над земјата.

15И започна пак војна меѓу Филистеј­ците и Израелците. И излезе Давид и слугите негови со него и војуваа со Фи­листејците; и Давид се умори.

16Тогаш Јишби-Бенов, еден од по­томците на Харафа, чие копје тежеше триста шекели бакар и кој беше препа­шан со нов меч, сакаше да го убие Давид.

17Но Авеса, синот на Саруја, му по­могна и го удри Филистеецот и го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа и рекоа: „Ти нема повеќе да излегуваш со нас во војна за да не згасне светилото Израелово.“

18Потоа пак имаше војна со Филис­тејците во Гов; тогаш Сивхај од Хуша го уби Саф, еден друг потомок на Хара­фа.

19Стана и друга битка во Гет; тогаш Елханан, синот на Јааре-Орегим вит­леемецот, го уби Гетчанецот Го­лијат, на кого дршката на копјето му беше колку ткаечко кросно.

20Настана уште една војна во Гет; и таму имаше еден крупен човек, исто така од потомците на Харафа, со по шест прсти на рацете и на нозете, вкупно дваесет и четири.

21Тој ги навредуваше Израелците; но Јонатан, синот на Шима, Давидо­виот брат, го уби.

22Тие четворицата беа од родот на Харафа во Гет, и паднаа од раката на Давид и на слугите негови.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 2 Samuel 21.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.