1Се вознемири царот и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: „Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!“
2Му соопштија на Јоав: „Ете, царот плаче и тагува за Авесалом.“
3И победата во оној ден се претвори во плачење за целиот народ: зашто тој ден народот слушна и велеше дека царот жали за синот свој.
4Тогаш народот влегуваше во градот скришно, како што се притајуваат од срам луѓето што избегале од борба.
5А царот го покри лицето и викаше силно: „Сине Авесаломе, Авесаломе, сине мој, сине!“
6Потоа Јоав дојде кај царот дома и рече: „Ти денес ги посрами сите слуги свои, кои го спасија денес животот твој, животот на твоите синови и ќерки, животот на твоите жени и животот на твоите наложници;
7ти ги сакаш оние што те мразат, а ги мразиш оние што те сакаат, бидејќи денес покажа дека за тебе се ништо и водачите и слугите; денес разбрав дека тебе ќе ти беше попријатно ако Авесалом останеше жив, а ние сите да бевме изумреле;
8затоа стани, излези и позборувај им по срце на слугите твои; зашто, се колнам во Господ дека, ако не излезеш, оваа ноќ ниеден човек нема да остане со тебе; тоа ќе биде за тебе полошо од сите беди што те снашле од младоста до денес.“
9Стана царот и седна крај портите, а на сиот народ му јавија дека царот седи крај портите. И сиот народ дојде пред царот кај портите; а приврзаниците на Авесалом се разбегаа по шаторите свои.
10И сиот народ од сите племиња Израелови се препираше и велеше: „Царот Давид нѐ спаси од рацете на непријателите наши и нѐ ослободи од рацете на Филистејците, а сега самиот избега од оваа земја, од царството свое, од Авесалом.
11Но Авесалом, кого го помазавме за цар над нас, умре во борбата; а сега зошто одолговлекувате, та не го враќате царот?“
12Тогаш царот Давид испрати да им кажат на свештениците, на Садок и на Авијатар, кажете им на Јудините старешини: „Зошто сакате да бидете последни во враќањето на царот во домот негов, кога зборовите на сиот Израел стигнаа до царот во домот негов.
13Вие сте мои браќа, вие сте моја коска и моја плот, зошто сакате да бидете последни за враќањето на царот во домот негов?“
14А на Амаса кажете му: „Нели си ти моја коска и моја плот? Господ нека ми испрати тешка казна и уште повеќе да ми додаде, ако ти не станеш кај мене засекогаш воен началник место Јоав!“
15И тој ги поколеба срцата на сите Јудини мажи како на еден човек. И тие испратија да му кажат на царот: „Врати се ти и сите твои слуги.“
16Се врати царот и стигна до Јордан, а Јудеите дојдоа во Гилгал да го пречекаат царот и да го преведат преку Јордан.
17И Семеј, синот на Гера, Венијаминовец од Бахурим, побрза и отиде со Јудејците да го пречека царот Давид;
18а заедно со него имаше илјада луѓе од Венијаминовото племе, и Сива, слугата на Сауловиот дом, со петнаесетте синови свои и со дваесетте слуги свои; тие го преминаа Јордан пред лицето на царот.
19Кога го доведоа сплавот, за да го пренесат семејството на царот и да му послужат, тогаш Семеј, синот на Гера, падна ничкум пред царот штом тој го премина Јордан,
20и му рече на царот: „Господаре, не ми го сметај за престап и не го спомнувај она, со кое згреши слугата твој во оној ден, кога мојот господар излегуваше од Ерусалим, и не го ставај тоа, царе, на срце;
21зашто слугата твој знае дека згрешил; и, ете, од целиот Јосифов дом дојдов денес прв да го пречекам господарот свој, царот.“
22Авеса, Саруевиот син, проговори и рече: „Зарем Семеј нема да умре, поради тоа што зборуваше лошо за помазаникот Господов?“
23А Давид рече: „Што сакате вие од мене, синови Саруеви, та сега ми станувате клеветници? Денес ли треба да биде убиен некој од Израел? Не знам ли јас дека денес сум цар над Израел?“
24Тогаш му рече царот на Семеј: „Ти нема да умреш.“ И царот му се заколна.
25Излезе да го пречека царот и Мемфивостеј, синот на Јонатан, Сауловиот син. Тој не си ги беше измил нозете, не беше се грижел за брадата своја и не ги беше испрал алиштата свои од оној ден, кога царот излезе, до денот кога се врати со мир.
26Кога тој излезе од Ерусалим да го пречека царот, царот го праша: „Мемфивостеје, зошто не дојде со мене?“
27Овој одговори: „Господаре мој, царе, мојот слуга ме излага, зашто јас, слугата твој, си велев: ‚ќе го оседлам магарето, ќе се качам на него и ќе отидам со царот‘, бидејќи слугата твој е куц.
28А тој го наклевети слугата твој пред господарот мој, царот. Но мојот господар, царот, е како ангел Божји: затоа прави што ти се чини добро во твоите очи.
29И ако и целиот дом на мојот татко заслужи смрт пред мојот господар, ти сепак го постави својот слуга меѓу твоите сотрпезници; какво право имам, пак, уште да се поплакувам пред царот?“
30А царот му рече: „Зошто го зборуваш сето ова? Јас реков, ти и Сива да ги поделите меѓу себе нивите.“
31Но Мемфивостеј му одговори на царот: „Ако сака нека земе тој сѐ, откако мојот господар — цар се врати со мир во домот свој.“
32Дојде од Рогелим и Галаадчанецот Верзелиј и го мина со царот Јордан за да го придружи од онаа страна на Јордан.
33А Верзелиј беше многу стар, на осумдесет години. Тој го хранеше царот додека живееше во Маханаим, бидејќи беше имотен човек.
34Царот му рече на Верзелиј: „Дојди со мене, и јас ќе те хранам во Ерусалим.“
35Но Верзелиј му одговори на царот: „Многу ли ми останува да живеам, та да одам со царот во Ерусалим?
36Сега сум на осумдесет години; ќе разликувам ли добро од лошо? Ќе го распознае ли слугата твој вкусот на тоа што ќе го јаде и ќе го пие? И ќе можам ли да го слушам гласот на пејачите и пеачките? Зошто, пак, слугата твој да му биде товар на својот цар — господар?
37Слугата твој ќе го придружи уште малку царот од оваа страна на Јордан: зашто, впрочем, царот да ме наградува со таква милост?
38Дозволи му на слугата твој да се врати и да умре во својот град, крај гробот на татко си и на мајка си. Но, ете, слугата твој, синот мој Кимхам, нека отиде со мојот цар — господар, и ти постапи со него, како што ти е волја.“
39Царот му рече: „Нека дојде Кимхам со мене, и јас ќе направам за него, она што ти е волја; и сѐ што би посакал ти од мене, ќе направам за тебе.“
40Тогаш сиот народ го премина Јордан, и царот исто така. Царот го бакна Верзелиј и го благослови и тој се врати во домот свој.
41И царот тргна за Гилгал; тргна со него и Кимхам; и сиот јудејски народ и половината израелски народ го придружија царот.
42И, ете, сите Израелци дојдоа кај царот и му рекоа: „Зошто нашите браќа, мажите Јудини, те грабнаа тебе, и го преведоа преку Јордан царот и челадта негова и заедно со него и сите Давидови луѓе?“
43Сите Јудини мажи им одговорија на Израелците: „Затоа што царот ни е нам близок; и зошто се лутите поради тоа? Зар сме изеле нешто од царот, или сме добиле од него дарови?“
44А Израелците им одговорија на Јудините мажи и рекоа: „Ние сме десет делови во царот, исто така и за Давид; зошто, пак, нѐ презирате? Нели ние први прозборевме да го вратиме нашиот цар? Но зборот на Јудините мажи беше пожесток од зборот на Израелците.“