1Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци.
2Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот покрај портите и, кога некој имаше поплака и одеше кај царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: „Од кој град си?“ И кога оној одговараше: „Од тоа и тоа Израелово племе е твојот слуга“,
3тогаш Авесалом му велеше: „Ете, твоето дело е добро и праведно, но кај царот нема кој да те ислуша.“
4И Авесалом уште велеше: „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! Кај мене би доаѓал секој, кој има спор и поплака, и јас би судел по правда.“
5И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше.
6Така постапуваше Авесалом со секој Израелец, кој доаѓаше кај царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израелците.
7Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давид, Авесалом му рече на царот: „Да одам и да го исполнам мојот завет што Му го бев дал на Господ во Хеврон.
8Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Арам, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим дека ќе Му принесам жртва на Господ.“
9А царот му рече: „Оди со мир.“ И тој стана и отиде во Хеврон.
10А Авесалом испрати тајни гласници меѓу сите израелски племиња, велејќи: „Кога ќе чуете звук од труба, велете: ‚Авесалом стана цар во Хеврон.‘“
11Од Ерусалим отидоа со Авесалом двесте души што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, без да знаат, каква е работата.
12Авесалом испрати да го повикаат гилонецот Ахитофел, Давидов советник, од неговиот град Гилон, додека тој принесуваше жртви. И започна голем заговор и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалом.
13И дојде разузнавач при Давид и рече: „Срцето на Израелците се сврте кон Авесалом.“
14Тогаш им рече Давид на сите свои слуги што беа при него во Ерусалим: „Станувајте да бегаме, зашто за нас нема спас од Авесалом; брзајте да излеземе да не нѐ затече и нѐ фати да не ни навлече зло и да го разори градот со сечилото на мечот.“
15Царските слуги му рекоа на царот: „За сѐ што ќе заповеда нашиот господар, царот, ние сме твои слуги.“
16Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата.
17И излезе царот и сиот народ пешки, и застанаа кај последната куќа.
18И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Керетијци, сите Пелетијци и сите Гетчани — до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот.
19И царот му рече на Гетчанецот Итај: „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи ти си туѓинец и си избегал од својата земја.
20Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти подари милост и правда!“
21А Итај му одговори на царот и рече: „Жими Господ, и жими мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.“
22Тогаш Давид му рече на Итај: „Дојди, пак, и оди со мене.“ И тргна Гетчанецот Итај и сите луѓе негови и сите деца што беа со него.
23И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината.
24Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет, и го оставија Божјиот ковчег, а Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот.
25И царот му рече на Садок: „Врати го Божјиот ковчег во градот. Ако најдам милост пред очите на Господ, Тој ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште.
26Ако, пак, Тој каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш, ете ме; нека прави со мене она што ќе Му се види дека е добро.“
27И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, — врати се во градот со мир заедно со син си Ахимаац и со Авијатаровиот син Јонатан, двајцата ваши синови;
28гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустината, додека ми стигне известување од вас.“
29Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму.
30А Давид тргна кон Елеонската Планина, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа.
31Му јавија на Давид и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалом.“ И рече Давид: „Господи, Боже мој, осуети го советот на Ахитофел.“
32Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господ, ете во пресрет му доаѓа Кушиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав.
33И Давид му рече: „Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар:
34но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалом: ‚Царе, досега бев слуга на татко ти, а отсега натаму ќе бидам твој слуга‘, ти ќе можеш да го осуетиш за мене советот на Ахитофел.
35Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садок и на Авијатар.
36Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимаац, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест што ќе ја чуете.“
37Така, Кушиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.