2 Samuel 132006

1Потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше сестра уба­вица, по име Тамара, и Амнон, Давидо­виот син, се вљуби во неа.

2И Амнон толку се мачеше што се разболе по сестра си Тамара зашто таа беше девица, и на Амнон му се виде дека ќе биде многу тешко да направи нешто со неа.

3Но Амнон имаше пријател, по име Јонадав, син на Шима, Давидов брат; а Јонадав беше многу итар човек.

4И тој му рече: „Зошто толку сла­бееш од ден на ден, царски сине, нема ли да ми кажеш?“ Амнон му одговори: „Јас ја сакам Тамара, сестрата на братот мој Авесалом.“

5Јонадав му рече: „Легни на леглото свое и направи се болен; и кога ќе дојде татко ти да те види, кажи му: Нека дојде сестра ми Тамара и да ми даде да јадам, и да зготви пред мои очи јадење, да го видам и да јадам од нејзините раце.“

6Амнон легна и се направи болен, и царот дојде да го види; Амнон тогаш му рече на царот: „Нека дојде сестра ми Тамара и да приготви пред мои очи две слатки питки, та да каснам од рацете нејзини.“

7Давид испрати човек во куќата да ѝ каже на Тамара: „Оди во куќата на братот свој Амнон и зготви му јадење.“

8Таа отиде во куќата на својот брат Амнон, а тој лежеше. Таа зеде брашно, замеси, приготви питки пред неговите очи и ги испече;

9ја зеде тавата и ги стави пред него, но тој не сакаше да јаде. Тогаш рече Амнон: „Нека излезат сите што се покрај мене.“ И излегоа сите луѓе што беа покрај него.

10И Амнон ѝ кажа на Тамара: „Однеси го јадењето во внатрешната соба, и јас ќе каснам од твоите раце.“ Тамара ги зеде питките што ги беше приготвила, и му ги однесе на брата си Амнон во внатрешната соба.

11А кога таа му стави да јаде, тој ја фати и ѝ рече: „Дојди легни со мене, сестро.“

12Но таа рече: „Не, брате, немој да ме обесчестиш, зашто така не се постапува во Израел; не прави го тоа безумство.

13Па јас каде ќе одам со бесчестието свое? И ти ќе бидеш безумник во Изра­ел; разговарај со царот; тој нема да откаже да ме даде за тебе.“

14Но тој не сакаше да ги слуша нејзините зборови; ја совлада и легна со неа.

15Потоа Амнон ја замрази многу, така што омразата негова спрема неа беше посилна од љубовта што ја имаше кон неа; и Амнон ѝ рече: „Стани, оди си!“

16А Тамара му рече: „Не, брате, да ме избркаш е поголемо зло од првото што ми го направи.“ Но тој не сакаше да ја слуша.

17И го повика момчето што му слугуваше, па му рече: „Истерај ја оваа надвор и заклучи ја вратата по неа.“

18Таа носеше шарена облека, бидејќи такви горни облеки носеа царските ќерки — девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата по неа.

19Тамара си ја посипа главата своја со пепел, ја раскина својата шарена облека, со која беше облечена, ги стави рацете свои на главата своја, и така одеше и викаше.

20А брат ѝ Авесалом ѝ рече: „Нели Амнон, братот мој, беше со тебе? Но сега молчи, сестро; тој ти е брат; не го кини срцето свое заради таа работа.“ И Тамара живееше самотно во домот на братот свој Авесалом.

21Царот Давид слушна за сето тоа и силно се разгневи.

22Авесалом, пак, не му рече на Ам­нон ни лошо ни добро; тој го намрази Амнон, поради тоа што ја обесчести сестра му Тамара.

23По две години имаше стрижба на овци кај Авесалом во Ваал-Асор, близу до Ефрем и Авесалом ги повика сите царски синови.

24И дојде Авесалом кај царот и рече: „Ете, кај твојот слуга денес има стриж­ба на овци, нека појде царот и слугите негови со твојот слуга.“

25Но царот му рече на Авесалом: „Не, синко, нема да дојдеме сите за да не ти додеваме.“ И Авесалом го молеше многу; но тој не сакаше да оди и го благослови.

26Тогаш Авесалом му рече: „Нека дојде со нас барем братот мој Амнон.“ А царот му рече: „Зошто да дојде со тебе?“

27Но Авесалом го убеди и тој го пушти со него Амнон и сите царски си­нови.

28Авесалом им заповеда на момците свои, велејќи им: „Гледајте, кога ќе се развесели срцето на Амнон од виното, и кога јас ќе ви кажам: удрете го Амнон, тогаш убијте го, не плашете се; тоа јас ви заповедам, бидете смели и храбри.“

29Авесаломовите слуги направија со Амнон, како што им заповеда Аве­са­лом. Тогаш станаа сите царски синови, се качи секој на маската своја и избегаа.

30Кога тие беа уште на пат, дојде глас до Давид дека Авесалом ги убил сите царски синови, и дека од нив не останал ниеден.

31Тогаш царот стана, ја раскина облеката своја, и се фрли на земјата, и сите слуги негови што стоеја крај него, ги раскинаа своите облеки.

32Но Јонадав, синот на Шима, Дави­дов брат, рече: „Да не мисли господарот мој дека сите момци, царски синови се убиени: само Амнон е убиен, зашто Авесалом ја имаше таа мисла од денот, кога Амнон ја обесчести сестрата негова;

33поради тоа, мојот господар, царот, нека не се обеспокојува од мислата дека сите царски синови умреле; умре само Амнон.“

34А Авесалом избега. Момчето што стоеше на стража, ги крена очите и виде: ете, многу народ врви по патот низ надолнината.

35Тогаш Јонадав му рече на царот: „Тоа се царските синови, кои доаѓаат; како што кажа твојот слуга, така навистина станало.“

36И штом го изговори тоа, ете, пристигнаа царските синови и фатија да плачат. Па и царот и сите слуги негови плачеа многу силно.

37Авесалом, пак, избега и отиде кај Талмај, синот на Гесурскиот цар Ами­худ. И царот Давид плачеше за синот свој за сето време.

38Авесалом избега, дојде во Гесур и таму престојуваше три години.

39И царот Давид престана да го гони Авесалом, зашто се утеши поради смртта на Амнон.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 2 Samuel 13.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.