1Од свештеникот — до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои ги љубам во вистината, — и не само јас, туку и сите што ја познаа вистината;
2поради вистината, која пребива во нас и ќе биде со нас до века.
3Да биде со нас благодатта, милосрдието, мирот од Бог Отецот и од Господ Исус Христос, Синот на Отецот во вистина и љубов!
4Многу се зарадував, зашто најдов некои од твоите чеда во вистина, онака како што добивме заповед од Отецот.
5И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, но онаа што ја имаме од почетокот, да се љубиме едни со други.
6А љубовта се состои во тоа, да постапуваме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа;
7бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во тело; таков човек е измамник, Антихрист.
8Пазете се за да не го изгубите она за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда.
9Секој, кој оди предалеку и не останува во Христовото учење, Го нема Бога; кој останува во Христовото учење, тој Го има и Отецот и Синот.
10Кој доаѓа кај вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го;
11зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела.
12Вистина, имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, зашто се надевам дека ќе дојдам кај вас и од устата да ви зборувам, та радоста ваша да ви биде полна.
13Ве поздравуваат чедата на избраната твоја сестра. Амин!