1И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји.
2Примете нѐ во срцата ваши: никому не сме му нанеле неправда; никого не упропастивме, ниту, пак, некого искористивме.
3Ова не го зборувам за да осудувам, зашто пред малку реков дека сте во срцата наши, за да умреме и да живееме заедно.
4Голема е мојата увереност во вас, многу се фалам со вас; се исполнив со утеха, преизобилувам со радост покрај сите наши маки.
5Зашто, кога дојдовме во Македонија, никакво спокојство немаше телото наше, но од секаде бевме притеснети во маки; однадвор борби, однатре страв.
6Но Бог, Кој ги утешува понизните, нѐ утеши со доаѓањето на Тит.
7И не само со неговото доаѓање, но и со утехата, со која се беше утешил тој поради вас, известувајќи нѐ за вашиот копнеж, за вашиот плач, за вашата ревност кон мене, така што јас уште повеќе се зарадував.
8Зашто, ако сум ве и ожалостил со посланието, не ми е жал, макар и да ми беше жал, бидејќи гледам дека тоа послание ве ожалостило само за малку време;
9сега се радувам не затоа што се ожалостивте, туку што се ожалостивте за покајување; бидејќи се ожалостивте по Бога, та никаква штета да не претрпите од нас.
10Бидејќи жалоста што потекнува од Бога предизвикува неопходно покајување за спасение, а световната жалост доведува до смрт.
11Зашто, ете, тоа што се ожалостивте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво огорчување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква горчина! Со сѐ покажавте дека во тоа дело сте чисти.
12Така, ако и ви напишав, тоа го направив не поради навредувачот, ниту поради навредениот, туку за да стане јасно вашето усрдие за нас пред Бога.
13Затоа се утешивме. Во таа наша утеха уште повеќе се зарадувавме поради радоста на Тит, затоа што сите вие сте му го успокоиле духот.
14И затоа јас не се посрамив, кога со некои работи се пофалив за вас пред него; но, како што секогаш пред вас сме ја зборувале вистината, така и пофалбата пред Тит ни излезе вистинска.
15Голема е неговата срдечна љубов кон вас, кога ќе се сети за послушноста на сите вас, како со трепет и страв сте го примиле.
16И затоа, се радувам дека во сѐ можам да имам доверба во вас.