1Како соработници Христови, ние ве молиме да не ја примате напразно благодатта Божја.
2Зашто се вели: „Во благопријатно време те услишав и во денот на спасението ти помогнав.“ Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!
3Никому никаков повод за соблазна не даваме за да не биде презрена нашата служба,
4туку во сѐ се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволји, во нужди, во тегоби,
5во удари, во затвори, во бунтови, во напори, во бденија, во пости,
6со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов,
7со проповедта на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака,
8со славата и срамот, при укори и пофалби; нѐ сметаат за измамници, а ние сме вистинити;
9за непознати, а добро сме познати; нѐ држат како да сме на умирање, а еве — живи сме; како казнети, а неумртвени;
10нѐ нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нѐ сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме.
11Устата наша е отворена за вас Коринтјани, и срцето наше се раширува.
12Вам не ви е тесно во нас, но тесно ви е во срцата ваши.
13За исто вознаградување ви зборувам како на чеда: бидете и вие широки.
14Не впрегнувајте се заедно со безверниците; зашто какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината?
15Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и безверник?
16Каква спогодба има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.“
17„Затоа излезете од нивната средина и одделете се!“ Вели Господ, и „Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!
18И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки“, вели Господ Седржителот.