2 Chronicles 62006

1Тогаш Соломон рече: „Господ беше рекол дека ќе благоволи да престојува во темен облак,

2но јас, на Твоето свето име Му из­градив дом на Твоето живеалиште, место за Твоето вечно престојување.“

3И го сврте царот лицето свое, та го благослови сето собрание на Изра­елците — сето собрание на Израелците стоеше,

4па рече: „Нека е благословен Гос­под, Бог Израелов, Кој го изврши сега со светата рака Своја она, како што го беше рекол со устата Своја на татко ми Давид, велејќи:

5‚од оној ден, кога го изведов Мојот народ од египетската земја, Јас од ниедно Израелово племе не избрав град за да изградам дом, каде што ќе при­суствува името Мое, ниту избрав маж што ќе биде водач на Мојот народ Израел.

6Туку го избрав Ерусалим, та името Мое таму да престојува, го избрав Да­вид, тој да биде над Мојот народ — Израел.‘

7Татко ми Давид имаше на срце да изгради дом за името на Господ, Бог Израелов,

8но Господ му кажа на татко ми Давид: ти имаш на срце да изградиш храм за името Мое; добро е, што ти е тоа на срце.

9Меѓутоа, ти нема да изградиш храм, туку твојот син, што ќе произлезе од бедрата твои, — тој ќе изгради храм за името Мое.

10И Господ го исполни словото што го беше изрекол; јас стапив на местото на мојот татко Давид, седнав на прес­толот израелски, како што рече Господ, и изградив дом за името Гос­подово, Израеловиот Бог.

11Го положив таму ковчегот, во кој е заветот на Господ, што го беше склучил со синовите Израелови.“

12Па застана Соломон пред жртве­никот Господов, пред сето собрание на Израелците, ги крена рацете —

13зашто Соломон беше направил ба­карно подножје, долго пет лакти, широ­ко пет лакти и високо три лакти, и го беше поставил среде дворот; застана на него, падна на колена пред сето собра­ние на Израелците, ги крена рацете кон небото —

14и рече: „Господи, Боже Израелов! Нема Бог, сличен на Тебе, ниту на небото, ниту на земјата. Ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе со сето свое срце;

15Ти го исполни кон Својот слуга Давид, мојот татко, она, што го беше говорел; она, што беше го изрекол со устата Своја, денес го исполни со раката Своја.

16И сега, Господи, Боже Израелов, исполни му го на Својот слуга Давид, мојот татко, она, што му го рече, веле­јќи: нема да снема маж, што ќе седи пред лицето Мое на престолот израел­ски, само ако твоите синови внимаваат на патиштата свои, одејќи по Мојот закон така, како што одеше ти пред Мене.

17А сега, Господи, Боже Израелов, нека се потврди словото Твое, што му го кажа на Својот слуга Давид!

18Навистина, Бог ли ќе живее со луѓето на земјата? Ако небото и небесата Твои не Те собираат, дотолку помал­ку ќе Те собере овој храм, што сум го изградил.

19Но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го пови­кот и молитвата, со која Твојот слуга се моли пред Тебе.

20Нека бидат очите Твои отворени кон овој храм дење и ноќе, кон местото, во кое си ветил дека го ставаш името Свое, за да ја слушаш молитвата, со која слугата Твој ќе се моли на ова место.

21Чуј ги молбите на Твојот слуга и на Твојот народ Израел, со кои ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се!

22Кога некој ќе згреши против ближ­ниот свој, и ќе побараат од него заклетва, за да се заколне, и таа заклетва биде извршена пред Твојот жртвеник во овој храм,

23тогаш чуј од небото и изврши суд над Своите слуги, подај му на винов­никот, и товарејќи му ја постапката негова врз главата негова; а оправдај го правиот, давајќи му спо­ред правдата негова.

24Кога Твојот народ Израел ќе биде поразен од непријателот, затоа што згрешил пред Тебе и кога тој ќе се свр­ти кон Тебе, и ќе го исповеда името Твое со молба и молитва пред Тебе во овој храм,

25чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израел и врати го во земјата, што си му ја дал нему и на неговите предци.

26Кога ќе се заклучи небото и ќе снема дожд, затоа што згрешил пред Тебе, и ќе се помолат на ова место, ќе го исповедаат името Твое и ќе се одвра­тат од своите гревови, затоа што си ги понизил,

27чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израел, покажувајќи им го до­б­риот пат, по кој треба да одат; и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство.

28Ако биде глад во земјата или по­мор, огнен ветар или гламја, ска­кулци или гасеници, или ако го притиснат непријателите негови во земјата, што ја владее, некое зло ако се случи или не­каква болест,

29секоја молитва, секоја молба од кој и да било човек, или од сиот народ Твој Израел, кога секој ќе ја почув­ствува не­волјата своја и тагата своја и ќе ги пода­де рацете кон Твојот храм,

30чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и прости и подај му на се­кого според сите патишта негови, како што го познаваш срцето негово, — зашто само Ти ги познаваш срцата на сино­вите човечки, —

31за да имаат страхопочит кон Тебе и да одат по Твоите патишта во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на нивните предци.

32Дури и туѓинецот, што не е од Тво­јот народ Израел, кога ќе дојде од да­лечна земја поради Твоето големо име, Твојата моќна рака и Твојата силна мишка — дојде и се помоли во овој храм,

33чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и направи сѐ, за кое ту­ѓинецот ќе Те повика, та сите земни народи да го спознаат Твоето име и да имаат страхопочит кон Тебе, како и Твојот народ Израел, и да знаат дека Твоето име се повикува над овој дом, што јас го изградив.

34Кога Твоите луѓе ќе излезат во војна против непријателите свои по патот, по кој ќе ги испратиш Ти, и Ти се помолат, свртувајќи се кон храмот, што го изградив на Твоето име,

35тогаш послушај ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи им го она што е таму потребно.

36Кога ќе згрешат пред Тебе, — зашто нема човек што не греши, — и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и оние, што ги заробиле, ги одведат во далечна или блиска земја,

37кога во земјата, во која ќе бидат заробени, ќе дојдат на себеси, ќе се свртат и ќе Ти се помолат во земјата на своето ропство, велејќи: ‚згрешив­ме, направивме беззаконија и неправди‘,

38и се свртат кон Тебе со сето свое срце и со сета своја душа, во земјата на своето ропство, каде што ќе бидат одведени во плен, и се помолат, свртувајќи се кон земјата своја, што си им ја дал на нивните предци, и кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградив за Твоето име, —

39тогаш чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, чуј ја молитвата нивна и молбата нивна, и направи го она што им е потребно, и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе.

40Боже мој, очите Твои нека бидат отворени и ушите Твои внимателни кон молитвата на ова место!

41И сега, Господи Боже, застани во Твоето почивалиште, Ти и ковчегот на Твојата сила. Твоите свештеници, Гос­поди Боже, нека се облечат во спасение, и Твоите верни чеда да се радуваат во добрините.

42Господи Боже, не одвраќај го лицето од помазаникот Свој, присети се на милостите ветени кон Својот слуга Давид!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 2 Chronicles 6.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.