2 Chronicles 362006

1Народот на таа земја го зеде Јоахаз, синот Јошиев, го помаза и го постави за цар на местото од таткото негов во Ерусалим.

2Јоахаз имаше дваесет и три години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим три месеца.

3Египетскиот цар го собори од престолот во Ерусалим, го одведе во Египет и ѝ наложи на земјата глоба од сто кикари сребро и еден кикар злато.

4Египетскиот цар го постави братот негов Елијаким за цар над Јудеја и над Ерусалим, и му го смени името во Јоа­ким, а братот негов Јоахаз, Нехо го зеде и го одведе во Египет.

5Јоаким имаше дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим единаесет години. Тој го правеше она што не беше угодно пред очите на Гос­под, својот Бог.

6Против него излезе Навухо­доносор, царот вавилонски, и го окова во окови, за да го одведе во Вавилон.

7Дел од садовите на Господовиот дом пренесе Навуходоносор во Вавилон и ги постави во своето идолско светилиште во Вавилон.

8Другите дела на Јоаким и гадотиите, што ги изврши и какви што се најдоа кај него, се опишани во книгата за царевите израелски и јудејски. Место него стана цар синот негов Јехониј.

9Јехониј имаше осумнаесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим три месеца и десет дена. Тој го пра­веше, она што беше лошо пред очите Господови.

10Откако измина годината, царот Навуходоносор испрати и заповеда да го доведат во Вавилон заедно со ска­поцените садови на Господовиот дом, го постави за цар на Јудеја и Ерусалим братот негов Седекија.

11Седекија имаше дваесет и една го­дина кога стана цар, и царуваше во Еру­салим единаесет години;

12и тој го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господ, својот Бог. Тој не се понизи ни пред пророкот Еремија, кој пророкуваше од Господо­вата уста.

13И се одметна од царот Навуходо­носор, кој го заколнал во името Божјо, и се покажа тврдоглав и го ожесточи срцето свое дотаму, што не се обрати кон Господ, Бог Израе­лов.

14Па и сите началници над свеш­тениците и над народот ги зголемија своите престапи, следејќи ги сите гадо­тии на незнабошците, и го ос­квернуваа домот на Господ, што Тој го беше осветил во Ерусалим.

15Господ, Бог на нивните предци, им испраќаше Свои гласници уште во рано утро, зашто Му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште.

16Но тие се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Не­гови, ги понижуваа пророците Негови, додека гневот на Господ не падна врз народот Негов, та немаше за него спасение.

17И Тој го испрати врз нив халдеј­скиот цар, и тој ги уби со меч мла­динците нивни во домот на нивната све­тиња; не го поштеди ни Седекија — ни девица, ни старец, ни немоќен. Сѐ предаде Бог во раката негова.

18И сите садови на Божјиот дом, го­леми и мали, и ризниците на домот Гос­подов, и ризниците на царот и начал­ниците негови, — сѐ однесе во Вавилон.

19Па го изгореа Божјиот дом, ги разурнаа ѕидовите на Ерусалим и сите негови дворци со оган ги изгореа; и сите негови скапоцености ги уништија.

20А избавените од меч Навуходо­носор ги пресели во Вавилон, и тие му беа робови нему, до зацарувањето на персискиот цар,

21за да се исполни зборот Господов, кажан преку устата на Еремија: додека земјата не ги отпразнува своите саботи, ќе почива во пустош, сето тоа време, сѐ додека не се навршат седумдесет години.

22А во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни зборот Гос­подов, кажан преку устата на Еремија, Господ го подбуди духот на Кир, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото негово царство, усно и писмено, и да кажат:

23„Вака рече Кир, царот персиски: ‚Господ, Бог небесни, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да Му изградам дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, Господ, неговиот Бог нека биде со него, и тој нека оди таму.‘“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 2 Chronicles 36.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.