1Јошија ја прослави Пасхата Господова во Ерусалим, и го заклаа пасхалното јагне на четиринаесеттиот ден од првиот месец.
2И ги насели свештениците по местата нивни и ги поттикнуваше да му служат на домот Господов;
3и им рече на левитите, посветени на Господ и учители на сите Израелци: поставете го светиот ковчег во храмот, што го изгради Соломон, синот Давидов, цар израелски; нема потреба да го носите на раменици; служете Му сега на Господ, нашиот Бог и на народот Негов Израел;
4застанете според родовите на своите предци и според родовите свои, како што е заповедано од Давид, царот израелски, и како што е заповедано од синот негов Соломон,
5стојте во светилиштето, според она како што се распоредени родовите на вашите браќа, синовите народни, според она како што се разделени левитските родови и редови;
6заколете го пасхалното јагне, осветете се и подгответе го за браќата свои, постапувајќи согласно со Господовото слово преку Мојсеј.
7И им подари Јошија на синовите народни, на сите, што беа таму, од ситниот добиток јагниња и јариња, сѐ за пасхалната жртва, на број триесет илјади и три илјади вола. Тоа беше од царскиот имот.
8И началниците негови сесрдно даваа принос за народот, на свештениците и на левитите: Хелкија, Захарија и Јехиил, старешини во Божјиот дом, им дадоа на свештениците за жртва пасхална две илјади и шестотини јагниња и јариња и триста вола;
9Конанјаху, Шемаја и Натанаил, негови браќа, Ашавија, Јехиил и Јозавад, левитски старешини, им подарија на левитите за пасхална жртва пет илјади овци и петстотини волови.
10Така се подготви службата, и по царева заповед свештениците застанаа на своите места и левитите според смените свои;
11го заклаа пасхалното јагне, и свештениците росеа со крвта, што ја земаа од рацете на левитите, а левитите ги дереа кожите;
12и го распределија определеното за сепаленици, за да го дадат по редовите на татковските родови на синовите народни, за принос на Господ, како што е напишано во Мојсеевата книга. Истото тоа го направија и со воловите.
13И го испекоа на оган пасхалното јагне, според законот; а свештените жртви ги сварија во котли, грниња и тави, па го раздадоа брзо по сиот народ;
14потоа приготвија за себе и за свештениците, зашто свештениците, синовите Аронови, беа зафатени со принесувањето сепаленици и масни меса до ноќта; затоа левитите готвеа и за себе и за свештениците, синовите Аронови.
15А пејачите, синови Асафови, остануваа по местата свои, според наредбите на Давид и Асаф, Еман и Једутун, царевиот јасновидец, а вратарите кај секоја врата: немаше зашто да ја напуштаат службата своја, бидејќи браќата нивни, левитите, готвеа за нив.
16Така беше распоредена целата служба во тој ден, за да направат Пасха и да принесат сепаленици на Господовиот жртвеник, по заповед на царот Јошија.
17Така ја празнуваа израелските синови, што беа таму Пасхата во тоа време и празникот Бесквасници во текот на седум дена.
18Таква Пасха не беше прославувана во Израел од деновите на пророкот Самоил; од израелските цареви ниеден не беше приготвил таква Пасха, каква што направи Јошија, свештениците, левитите и сите Јудејци, и Израелци, кои беа таму, и жителите ерусалимски.
19Таа Пасха беше прославена во осумнаесеттата година од царувањето на Јошија.
20По сето тоа, откако Јошија го уреди Божјиот дом, дојде Нехо, египетскиот цар, да се бори на реката Еуфрат кај Каркемиш. Јшија му излезе во пресрет.
21Нехо испрати кај него пратеници да кажат: „Што има меѓу мене и тебе, царе јудејски? Против тебе сега не сум тргнал, туку против домот со кој имам војна. Бог ми заповеда да брзам; немој да Му се противиш на Бога, Кој е со мене, за да не те погуби.“
22Но Јошија не го одврати лицето од него, туку се приготви да се бие со него; и не ги послуша зборовите на Нехо, што беа од Бога, туку излезе во бој во долината Мегидо.
23И стрелците го устрелија царот Јошија, и царот им рече на слугите свои: „Одведете ме, зашто сум тешко ранет.“
24Слугите негови го симнаа од колата, го качија во друга негова кола и го одведоа во Ерусалим. И тој умре; и беше погребан во гробницата на своите предци. Цела Јудеја и Ерусалим го оплакаа Јошија.
25Јошија беше оплакан и од Еремија во плачевна песна; него го споменуваа сите пеачи и пејачки во тажачките песни свои, познати и до денес, кои ги предадоа во обичај во Израел; ете, тие се напишани во Книгата на тажачките песни.
26Другите дела на Јошија и добрините негови, согласни со заповеданото во законот Господов,
27и неговите дела, први и последни, се опишани во книгата за царевите израелски и јудејски.