1Соломон, синот Давидов, се зацврсти во царството свое, и Господ, неговиот Бог, беше со него и го издигна високо.
2И му заповеда Соломон на сиот Израел да се соберат: илјадниците, стотниците, судиите и сите началници во сиот Израел — старешините на домовите татковски.
3Па отидоа Соломон и целото собрание со него на ридот во Гаваон, бидејќи таму беше Божјата скинија на собранието, која Мојсеј, слугата Господов, ја беше подигнал во пустината.
4Давид го беше пренел Божјиот ковчег од Кирјат-Јарим на она место, што му го беше приготвил, откако направи за него скинија во Ерусалим.
5А бакарниот жртвеник, што го беше направил Веселеил, синот на Уриј, Оров син, си остана таму пред скинијата Господова; него го побараа Соломон и собранието.
6И таму пред лицето на Господ, врз бакарниот жртвеник, што беше пред скинијата на собранието, Соломон принесе илјада жртви-паленици.
7Во таа ноќ му се јави Господ на Соломон и му рече: „Барај, што сакаш да ти дадам.“
8Соломон Му одговори на Бога: „Ти му направи на татко ми Давид голема милост и ме постави за цар место него.
9Нека се исполни сега, Господи, словото Твое кон татко ми Давид, бидејќи ме направи цар над народ многуброен, како земниот прав,
10дај ми сега мудрост и разум, за да управувам со тој народ; зашто, кој може да управува со Твојот голем народ?“
11И му рече Бог на Соломон: „Затоа што го имаш тоа во срцето свое и не побара богатство, имот и слава, ниту душите на твоите непријатели, туку побара мудрост и разум, за да управуваш со Мојот народ, над кој те поставив за цар —
12мудрост и разум ти се дава, а богатство, имот и слава ќе ти дадам такви, какви што кај царевите пред тебе немало, ниту ќе има по тебе.“
13Тогаш Соломон се врати од ридот во Гаваон, од скинијата на собранието, во Ерусалим, и царуваше над Израел.
14И собра Соломон коњаница; имаше илјада и четиристотини коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги насели по градовите каде што му беа колите и кај себе во Ерусалим.
15И го направи царот во Ерусалим среброто и златото еднакво вредно со камењата, а кедрите според нивното множество ги направи еднакво вредни со смоквите во полињата.
16Коњи му увезуваа на Соломон од Египет; царски трговци ги купуваа со пари;
17една кола се купуваше и довезуваше од Египет за шестотини шекели сребро, а еден коњ — за сто и педесет. Така тие им ги продаваа на сите цареви хитиски и цареви арамејски.
18Соломон потоа науми да изгради дом на името Господово и царски дом за себеси.