1Поради тоа, не можејќи веќе да трпиме, сметавме дека ќе биде добро во Атина да останеме сами,
2и го испративме Тимотеј, нашиот брат и слугата Божји, и нашиот сотрудник во Евангелието Христово, за да ве укрепи и утеши во вашата вера,
3та никој да не се поколеба во тие маки; зашто сами знаете дека затоа сме определени.
4Бидејќи ние, и кога бевме кај вас, ви претскажувавме дека ќе страдаме, како што и стана, и вие знаете.
5Поради тоа и јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да дознаам за верата ваша да не би ве искушал некако Искушувачот, та да отиде залудо нашиот труд.
6Сега, откако се врати Тимотеј кај нас од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека секогаш имате добар спомен за нас и копнеете да нѐ видите, како и ние вас,
7ние, и покрај сета мака и неволја, се утешивме за вас, браќа, со вашата вера;
8зашто ние сега живееме, кога вие стоите во Господ.
9Каква благодарност, навистина, можеме да Му воздадеме на Бога за вас за сета радост со која се радуваме поради вас пред нашиот Бог,
10кога дење и ноќе многу усрдно се молиме, за да го видиме вашето лице и да го дополниме она што ѝ недостига на вашата вера?
11А сам Бог и Отецот наш и Исус Христос, нашиот Господ, нека го насочи патот наш право кон вас!
12Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас,
13и да ги утврди вашите срца, та да бидат непорочни во светоста пред Бога и Отецот наш при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Негови светии! (Амин!)