1Вие сами знаете, браќа, дека нашето доаѓање кај вас не беше залудо;
2напротив, откако пострадавме и бевме поругани во Филипи, како што знаете, ние се охрабривме во нашиот Бог да ви Го проповедаме Божјото Евангелие со тешка борба.
3Зашто нашиот поттик не произлегува ни од заблуда, ниту од нечисти побуди, ниту од лукавство,
4туку, како што Бог нѐ удостои да ни Го довери Евангелието, така и зборуваме — не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува срцата наши.
5Зашто никогаш не сме се послужиле со ласкави зборови, како што знаете; ниту со помисли за корист: Бог е сведок!
6И не баравме слава од луѓе — ниту од вас, ниту од други,
7иако можевме и да се наметнеме како Христови апостоли. Но сепак ние бевме меѓу вас така нежни, како што се однесува мајката кога ги дои своите деца.
8Така полни со љубов кон вас, бевме готови да ви го предадеме не само Евангелието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги.
9Спомнете си браќа за нашиот труд и мака: работејќи дење и ноќе за да не му додеваме никому од вас, ние ви Го проповедавме Евангелието Божјо.
10Сведоци сте вие, како и Бог, дека свето, праведно и беспрекорно постапувавме пред вас, кои верувате.
11Зашто знаете дека секого од вас, како татко децата свои,
12ние го поттикнувавме и утешувавме и преколнувавме да живее достојно за Бога, Кој ве повикал во Своето царство и слава.
13Затоа и непрестано Му благодариме на Бога, зашто, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку — како што е — слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои верувате.
14Вие, браќа, станавте подржаватели на Божјите цркви во Христос Исус, што се во Јудеја, бидејќи и вие исто така претрпевте од своите сонародници, како и оние од Јудејците
15што ги убија Господ Исус и пророците, и нас нѐ избркаа, и на Бога не Му угодија, и на сите луѓе им се противат;
16тие што ни пречат да им зборуваме на незнабошците, за да се спасат и со тоа секогаш ги дополнуваат гревовите свои; но гневот ги достигна на крај.
17А ние, браќа, откако бевме одвоени од вас за кратко време, далеку од очи, но не и од срце, со уште поголема желба се грижевме да ве видиме.
18Поради тоа, ние, а најмногу јас, Павле, неколкупати посакавме да дојдеме кај вас; но нѐ попречи сатаната.
19Зашто, кој е нашата надеж или радост, или венец за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус Христос при Неговото доаѓање?
20Да, вие сте нашата слава и радост!