1Го известија Давид и рекоа: „Ете Филистејците го напаѓаат Кеила и ги разграбуваат гумната.“
2А Давид го запраша Господа, велејќи: „Да одам ли и да ги нападнам тие Филистејци?“ И Господ му одговори на Давид: „Оди, ти ќе ги нападнеш Филистејците и ќе го спасиш Кеила.“
3Но оние што беа со Давид, му рекоа: „Ете, ние се плашиме тука во Јудеја, па како ќе одиме во Кеила против филистејските групи?“
4Тогаш Давид пак Го запраша Господа, а Господ му одговори и рече: „Стани и оди во Кеила, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во твои раце.“
5И Давид отиде со луѓето свои во Кеила, се биеше со Филистејците, го отепа нивниот добиток и им нанесе голем пораз. И така Давид ги спаси жителите на Кеила.
6Кога Авијатар, Ахимелеховиот син, избега кај Давид и отиде со него во Кеила, тој беше донел со себеси и ефод.
7Му јавија на Саул дека Давид дошол во Кеила, и Саул рече: „Бог го предаде во мои раце, зашто тој се затвори, влегувајќи во град кој има порти и резиња.“
8И го свика Саул целиот народ во војна за да отиде против Кеила да го опколи Давид и негови луѓе.
9Кога Давид дозна дека Саул намислил лошо против него, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го ефодот Господов.“
10Тогаш Давид рече: „Господи, Боже Израелов! Твојот слуга слушна дека Саул сака да дојде во Кеила, и да го уништи градот поради мене.
11Ќе ме предадат ли Кеилците во рацете негови? И ќе дојде ли тука Саул, како што чу твојот слуга? Господи, Боже Израелов, јави му на слугата свој.“ И рече Господ: „Ќе дојде.“
12Давид пак праша: „Ќе ме предадат ли Кеилците мене и моите луѓе во Сауловите раце?“ И Господ му рече: „Ќе те предадат.“
13Тогаш стана Давид и луѓето негови, околу шестотини души, излегоа од Кеила и отидоа, каде што можеа. А на Саул му јавија дека Давид избегал од Кеила, и тогаш тој се откажа од походот.
14А Давид престојуваше во пустината во непристапни места и потоа на ридестите предели во пустината Зиф. Саул го бараше секој ден, но Бог не го предаде Давид во рацете негови.
15И Давид виде дека Саул излегол да ја бара душата негова; Давид тогаш беше во пустината Зиф, во ридестите предели.
16И Сауловиот син Јонатан стана, дојде кај Давид во гората и го поткрепи со надежта во Бога,
17и му рече: „Не плаши се, зашто раката на татко ми Саул нема да те најде, и ти ќе царуваш над Израел, јас, пак, ќе бидам втор по тебе. И Саул, мојот татко, го знае тоа.“
18Тогаш си дадоа меѓу себе завет пред лицето на Господ. И Давид остана во гората, а Јонатан отиде во домот свој.
19И дојдоа Зифејци кај Саул во Гива и рекоа: „Ете, Давид се крие кај нас по недостапни места, кај Хореш, во ридовите на Хахила, јужно од пустината.
20Затоа, ако сака душата твоја, царе, дојди. А наша работа ќе биде да го предадеме во рацете на царот.“
21И рече Саул: „Да ве благослови Господ што сте ме пожалиле!
22Одете, уверете се уште еднаш, испитајте и разгледајте го местото негово, каде што е ногата негова, и кој го виде таму, бидејќи ми велат дека е многу итар.
23Разгледајте и испитајте за сите прибежишта, во кои се крие тој, и вратете се кај мене со точно известување. Тогаш јас ќе отидам со вас; и ако е во таа земја, ќе го барам по сите Јудини места.“
24И станаа и отидоа во Зиф пред Саул. А Давид и луѓето негови беа во нискиот дел на пустината Маон, јужно од степата.
25Потоа отиде Саул со своите луѓе да го бара. Но му јавија на Давид за тоа, и тој слезе кај карпестите места во пустината Маон. Саул слушна и се пушти по Давид во пустината Маон.
26Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со луѓето свои беше од другата страна на планината. И кога Давид брзаше да се оддалечи од Саул, а Саул со луѓето свои одеше да го заобиколи Давид и луѓето негови за да ги фати,
27тогаш дојде кај Саул известувач и рече: „Побрзај и дојди, бидејќи Филистејците ја нападнаа земјата.“
28И се врати Саул од гонењето на Давид и отиде против Филистејците; затоа и го нарекоа тоа место Села-Махлекот.