1Саул имаше триесет години кога почна да царува; и царуваше над Израел две години.
2Саул си одбра три илјади Израелци: две илјади беа заедно со Саул во Михмас и во гората ветилска, и илјада беа со Јонатан во Гива Венијаминова: а останатиот народ тој го испрати во нивните шатори.
3Јонатан ја разби филистејската стража што беше во Гева; Филистејците слушнаа за тоа, а Саул затруби со труба по целата земја, викајќи: „Нека слушнат Евреите!“
4Кога сиот Израел слушна дека Саул ја разбил филистејската стража и дека Израел станал омразен за Филистејците, — народот се собра кај Саул во Гилгал.
5А Филистејците се собраа за војна против Израел: триесет илјади коли и шест илјади коњица, и мноштво народ, како песокот на морскиот брег; и дојдоа, та поставија логор во Михмас, на исток од Бет-Авен.
6Израелците, откако видоа дека се во опасност, бидејќи народот беше притеснет, се криеја во пештери и дупки, во камени места, во пукнатини и ровови;
7а некои од Евреите минаа од онаа страна на Јордан, во земјата Гадова и Галаадска; Саул, пак, беше уште во Гилгал, и сиот народ што беше со него, се беше уплашил.
8И тој чекаше седум дена до рокот, означен од Самоил, но Самоил не доаѓаше во Гилгал. И народот почна да се разбегува од него.
9И Саул рече: „Донесете го кај мене одреденото за сепаленици и за жртви за благодарност.“ И принесе жртва.
10А штом заврши со принесувањето на жртвата, ете дојде Самоил, и Саул му излезе во пресрет да го поздрави.
11А Самоил запраша: „Што си направил?“ Саул одговори: „Видов дека народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време. Филистејците пак се беа собрале во Михмас,
12тогаш си помислив: ‚Сега ќе се спуштат врз мене Филистејците во Гилгал, а јас, пак, сѐ уште не сум Го прашал Господа, па затоа решив да принесам жртва.‘“
13И Самоил му рече на Саул: „Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господ, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Израел засекогаш.
14А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе го назначи за владетел над народот Негов, зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ.“
15И стана Самоил, та отиде од Гилгал во Гива Венијаминова; а Саул ги преброи луѓето што беа со него. Тие беа околу шестотини мажи.
16Саул со синот свој Јонатан и луѓето што се наоѓаа покрај нив, поставија логор во Гева Венијаминова, а Филистејците беа во логорот во Михмас.
17И од филистејскиот логор излегоа три чети за да ја опустошуваат земјата: едната тргна по патот за Офра, во земјата Шуал,
18другата чета тргна по патот за Веторон, додека третата појде по патот кон границата на долината Цевоим, кон пустината.
19Во сета израелска земја немаше ковачи, бидејќи Филистејците се плашеа да не направат Евреите мечеви или копја.
20И сите Израелци требаше да одат кај Филистејците за да ги наострат своите рала, мотиките, секирите и копачите,
21кога ќе отапеше сечилото на ралата, мотиките, вилите и секирите, или пак требаше да се наострат остените.
22Затоа во текот на војната немаше ниту меч, ниту копје во сиот народ што беше со Саул и Јонатан, а имаа само Саул и неговиот син Јонатан.
23И филистејската стража излезе во теснецот кај Михмас.