1И Самоил му рече на сиот Израел: „Ете, јас го послушав вашиот глас во сѐ што ми рековте, и ви поставив цар,
2и еве, царот оди пред вас: а јас остарев и побелев; и синовите мои се со вас. Јас, пак, одев пред вас од мојата рана младост до денес.
3Па еве ме, сведочете против мене пред Господ, и пред Неговиот помазаник: кому сум зел вол, кому сум зел магаре, кого сум измамил и кого сум потискал, од кого сум зел дар и сум ги затворил очите пред делото негово, јас ќе ви го вратам.“
4И одговорија: „Ти не си нѐ измамувал, ниту си нѐ измачувал и од никого ништо не си зел.“
5И тој им рече: „Сведок против вас е Господ, сведок е и помазаникот Негов во овој ден дека не најдовте ништо против мене.“ И тие одговорија: „Сведок е.“
6Тогаш Самоил му рече на народот: „Сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеј и Арон и Кој ги изведе вашите предци од египетската земја.
7А сега застанете, и јас ќе се судам со вас пред Господ за сите добри дела што Тој ви ги направи вам и на предците ваши.
8Кога Јаков дојде во Египет, и предците ваши почнаа да повикуваат кон Господ, Господ ги испрати Мојсеј и Арон, и тие ги изведоа предците ваши од Египет и ги населија на ова место.
9Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Тој ги предаде во рацете на Сисера, асирскиот војвода, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив.
10А кога повикаа пак кон Господ и рекоа: ‚Згрешивме што Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на Вааловци и на Аштарти, спаси нѐ сега од рацете на непријателите наши, и ние ќе Ти служиме Тебе.‘
11Тогаш Господ ги испрати Јероваал и Бедан, Ефтај и Самоил и ве спаси од рацете на околните непријатели ваши, и вие живеевте во мир.
12Но кога видовте дека амонскиот цар Нахас оди против вас, вие ми рековте: Не, нека владее цар над нас, иако Господ, вашиот Бог, е ваш Цар.
13И така, еве го царот што го избравте, кого го сакавте; ете, Господ ви постави цар.
14Ако се однесувате со почит кон Господ и Му служите, ако го слушате гласот Негов и не се противите на заповедите Господови, вие и царот ваш, кој владее над вас, ќе одите по Господ, вашиот Бог;
15ако, пак, не го слушате гласот Господов и почнете да се противите на заповедите Господови, раката на Господ ќе биде против вас, и против вашиот цар.
16А сега станете и погледнете го големото дело, што Господ го изврши пред очите ваши:
17нели е сега пченична жетва? Но јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати гром и дожд, и вие ќе дознаете и ќе видите, колку е големо злото што го направивте пред очите на Господ, барајќи за себе цар.“
18И Самоил Го повика Господа, и Господ испрати гром и дожд во тој ден; и сиот народ многу се исплаши од Господ и од Самоил.
19И сиот народ му рече на Самоил: „Помоли се за слугите свои пред Господ, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште едно зло, кога баравме за себе цар.“
20А Самоил му одговори на народот и рече: „Не плашете се, вие го направивте, вистина, тоа зло, но само не отстапувајте од Господ, и служете Му на Господ од сѐ срце,
21и не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се бесполезни.
22А Господ нема да го остави народот Свој заради Своето големо име, бидејќи на Господ Му беше мило да ве избере за Свој народ;
23исто така и јас нема да си дозволам грев пред Господ да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат.
24Само однесувајте се со страхопочит кон Господ и служете Му вистински од сето свое срце, зашто видовте какви големи дела изврши Тој со вас;
25ако пак правите зло, тогаш и вие и царот ваш ќе загинете.“