1Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот — да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме! Затоа светот не нѐ знае, зашто не Го спозна Него.
2Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е.
3И секој што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Тој.
4Секој што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие.
5А знаете дека Тој се јави за да ги земе нашите гревови; а грев во Него нема.
6Секој, кој пребива во Него, не греши; секој што греши, не Го видел, ниту Го познал.
7Чеда, никој да не ве заблудува! Кој постапува праведно, праведен е, како што е праведен Тој.
8Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски.
9Секој што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога.
10Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој што не постапува праведно, и секој што не го љуби братот свој, не е од Бога.
11Зашто тоа е пораката што ја чувте од почетокот — да се сакаме еден со друг.
12Но не како Каин, кој беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат — праведни.
13Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази.
14Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги љубиме браќата свои; оној што не го љуби братот свој, тој останува во смртта.
15Секој што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе остане во него.
16Љубовта ја познаваме по тоа што Тој ја положи за нас душата Своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата.
17Ако некој има световни блага, па кога ќе го види својот брат во немаштија, та го затвори срцето свое од него — како тогаш ќе може да остане во таков Божјата љубов?
18Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!
19И по тоа ќе знаеме дека сме од вистината, и пред Него ќе го увериме своето срце;
20бидејќи, ако срцето наше нѐ осуди, Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ.
21Возљубени, кога нашето срце не нѐ осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога,
22и, што и да побараме, добиваме од Него, бидејќи ги чуваме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него.
23А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал.
24И оној, што ги чува заповедите Негови, пребива во Него, и Тој — во него. А дека Тој пребива во нас, знаеме по Духот што ни Го дал.