1Не сум ли јас апостол? Не сум ли јас слободен? Не Го видов ли Исус Христос, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господ?
2Ако за други не сум апостол, за вас сепак сум. Бидејќи вие сте печатот на моето апостолство во Господ.
3Ова е мојата одбрана против оние што ме осудуваат:
4Зар немаме право да јадеме и да пиеме?
5Зар немаме право да водиме со себе сестра, жена верничка, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?
6Или само јас и Варнава немаме право на издршка?
7Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не пие од неговото млеко?
8Зар го зборувам ова само како човек? Не го вели ли истото и Законот?
9Бидејќи во Мојсеевиот закон е напишано: „Не врзувај ја устата на вол што врши.“ Зар Бог се грижи за воловите?
10Или го вели тоа, главно, за нас? — Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и кој врши, да врши со надеж дека ќе го добие она што го очекува.
11Ако сме го посеале кај вас духовното, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното?
12Ако други имаат право на дел од вашиот посед, тогаш немаме ли ние уште повеќе? Но ние не го користевме тоа право, туку сѐ трпиме за да не направиме некаква пречка на Христовото Евангелие.
13Не знаете ли дека оние што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот?
14Така и Господ заповедал проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.
15Но јас не ползував ништо од тоа; и не го напишав ова за да се направи така за мене. Зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе.
16Зашто, ако проповедам Евангелие, тоа не е за моја пофалба: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене ако не го проповедам.
17Ако доброволно го вршам тоа, тогаш имам награда; а ако без своја волја — тогаш е тоа само извршување на служба што ми е доверена.
18А каква ми е наградата? Проповедајќи да го предавам Евангелието бесплатно, не ползувајќи го своето право од благовестувањето.
19Зашто, иако сум слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам:
20за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон;
21за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон.
22За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та на каков и да било начин да спасам некои од нив.
23А ова го правам поради Евангелието за да бидам соучесник во него.
24Не знаете ли дека оние што се натпреваруваат на стадион, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете.
25Секој натпреварувач се воздржува од сѐ: тие — за да добијат распадлив венец, а ние — нераспадлив.
26Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира по ветар,
27туку го истоштувам и го поробувам телото, та проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен.