1И јас, браќа, кога дојдов кај вас, не дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво со возвишена беседа или мудрост,
2бидејќи бев решил да не знам меѓу вас ништо друго освен за Исус Христос, и тоа — Распнатиот.
3И јас пристапив меѓу вас со немоќ, и страв, и со голема растрепереност.
4И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше од уверливи зборови на човечка мудрост, туку во покажувањето на Духот и силата,
5та верата ваша да не почива на човечката мудрост, туку на силата Божја.
6Ние сепак ја проповедаме мудроста меѓу совршените, но не мудроста од овој свет, ниту, пак, онаа на владетелите на овој свет, кои се минливи,
7туку ја проповедаме Божјата мудрост, сокриена во таинство, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава,
8која никој од владетелите на овој свет не ја спознал; зашто, ако ја беа спознале, тогаш немаше да Го распнат Господ на славата.
9Но, како што е напишано: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат.“
10А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот продира во сѐ, па дури и во длабочините Божји.
11Бидејќи, кој човек знае што има во човекот, освен човечкиот дух кој живее во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух.
12Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот Кој доаѓа од Бога, за да го знаеме она што ни е дарувано од Бога;
13па тоа и го проповедаме не со зборови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно со духовни поими.
14Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита.
15Духовниот, пак, човек испитува сѐ, а него никој не може да го испитува.
16Зашто, кој го спознал умот Господов, та да го објасни? А ние имаме ум Христов.