Zechariah 10
1 Молете Го Господа за дожд во време благопријатно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле.
2 Зашто лажните гледачи зборуваат празни зборови, и вражачите гледаат лажливи работи и прикажуваат лажни соништа; тие утешуваат со празни зборови; затоа талкаат како овци, талкаат оти немаат пастир.
3 Против пастирите се распали гневот Мој, и јагнињата ќе ги пречекам; оти Господ Саваот ќе го посети стадото Свое, домот Јудин, и ќе го подготви како силен коњ за бој.
4 Од него ќе направи аголен камен, од него – клин, од него лак за бој, од него ќе излезат сите управници на народот.
5 И тие ќе бидат како јунаци што ги газат непријателите како улична кал, и ќе се борат, бидејќи Господ е со нив, и ќе ги посрамат јавачите на коњи.
6 Ќе го зацврстам домот Јудин и ќе го спасам домот Јосифов, и ќе ги вратам, оти Јас се смилив над нив, и тие ќе бидат како да не сум ги оставил: зашто Јас сум нивниот Господ Бог, и ќе ги чујам.
7 Како јунак ќе биде Ефрем; ќе се развесели срцето нивно како вино да пиеле, па ќе го видат тоа синовите нивни и ќе им се зарадува срцето нивно; во восхит ќе им биде тогаш срцето нивно во Господа.
8 Ќе дадам знак и ќе ги соберам, оти ги откупив; ќе бидат многубројни како и порано;
9 ќе ги раселам меѓу народите, но во далечни земји тие ќе се сеќаваат на мене и ќе живеат со децата свои, и ќе се вратат.
10 Ќе ги вратам од земјата Египетска и од Асирија ќе ги соберам; ќе ги доведам во земјата Галад и на Ливан, и не ќе има доволно место за нив.
11 Ќе преминат по морето и ќе ги поразат морските бранови; ќе пресушат сита длабини на реката, и ќе се смири гордоста на Асура, и скиптариот ќе биде одземен од Египет.
12 Ќе ги зацврстам во Господа, и тие ќе одат во името Негово, вели Господ.