Zechariah 1
1 На осмиот ден, во втората година на Дарија, би слово Господово до пророкот Захарија, синот Варахиев, син Адов, велејќи:
2 »Се разгневи Господ на татковците ваши со голем гнев;
3 затоа кажи им – вака вели Господ Саваот – обрнете се кон Мене, – вели Господ Саваот – и јас ќе се обрнам кон вас.
4 Не бидете како што беа татковците ваши, кон кои викаа поранешните пророци, велејќи им – ‚вака вели Господ Саваот – одвратете се од лошите работи свои!‘ Но тие не послушаа, ниту внимаваа на Мене, вели Господ.
5 Каде се татковците ваши, па и пророците можат ли да живеат вечно?
6 Но зборовите Мои и наредбите Мои, што им ги заповедав на слугите Мои, пророците, зар не ги постигнаа татковците ваши? И тие се обраќаа и велеа: како што беше определил Господ Саваот да постапи со нас според патиштата наши, и според делата наши, така и постапи.«
7 На дваесет и четвртиот ден од единаесеттиот месец – а тоа е месецот Шеват – во втората година на Дарија, би слово Господово до пророкот Захариј, синот Варахиев, син Адов:
8 Во текот на ноќата видов – ете, еден маж на црвен коњ стои меѓу мирти, што беа во долот, а зад него црвени, сиви и бели коњи,
9 па му реков – кои се овие, господине мој? А ангелот, кој зборуваше со мене, ми рече: »јас ќе ти покажам кои се тие.«
10 И одговори мажот што стоеше меѓу миртите, и рече – »тоа се оние кои Господ ги испратил да ја обиколуваат земјата.«
11 Тогаш тие му одговорија на ангелот Господен, кој стоеше меѓу миртите, па му рекоа – »ете, ја обиколивме целата населена земја и таа е спокојна.«
12 Им одговори ангелот Господен и им рече: »Господи Седржителу, до кога нема да се смилуваш над Ерусалим и над градовите Јудини, на кои се гневиш, еве, веќе седумдесет години?«
13 Тогаш во одговори на ангелот Господен, изрече Господ слова добри, слова утешни.
14 И им рече ангелот, кој зборуваше со мене: – извести и кажи – вака вели Господ Саваот – »ревнувам за Ерусалим и за Сион многу;
15 и негодувам со големо негодување против народите што живеат во спокој, оти Јас малку се разгневив, тие го засилија злото.«
16 Затоа вака вели Господ: »Јас се обрнувам кон Ерусалим со милосрдност; во него ќе се изгради Мојот дом, вели Господ Саваот, и земномерно јаже ќе се протегне низ Ерусалим.«
17 Извести го уште и за ова, и кажи – вака вели Господ Саваот: »Моите градови одново ќе се исполнат со богатства, и Господ ќе го утеши Сион и пак ќе го избере Ерусалим.«
18 Ги подигнав очите, а тоа, ете, четири рога.
19 И му реков на Ангелот, кој зборуваше со мене: што е ова? А тој ми одговори: »тоа се роговите што ги распрснаа Јуда, Израилот и Ерусалим.«
20 Потоа Господ ми покажа четири дрводелци.
21 Пак реков: што ќе прават овие? А тој ми рече: оние рогови се што го распрснаа Јуда, така што никој од нив не може да си ја подигне главата; и, ете, тие дојдоа да ги уплашат, да им ги скршат роговите на народите, кои подигнаа рог против земјата на Јуда за да ја распрснат.