Romans 5
1 И така, бидејќи оправдани со верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исуса Христа,
2 преку Кого со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се фалиме со надежта во славата Божја.
3 Но не само тоа, туку се фалиме и со маките, знаејќи, дека од маката се раѓа и трпението;
4 од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж;
5 надежта, пак, не посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден.
6 Оти, уште кога бевме немоќни, Христос во определено време умре за безбожниците.
7 За праведник одвај ли некој да умре; за добар, можеби, некој и да се реши да умре.
8 Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни.
9 Затоа сега, откако се оправдавме со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот.
10 Оти, ако како непријатели, се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле.
11 И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исуса Христа, преку Кого добивме сега помирување.
12 Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија;
13 бидејќи и пред Законот имаше грев во светот; но гревот како таков не се смета, кога нема закон.
14 Смртта, пак, царува од Адама та дури до Мојсеја и над оние што не погрешија со престапи, слични на Адамовите, кој е образ на Оној што ќе дојде.
15 Но дарот не е како престапувањето. Зашто, ако преку престапувањето на еден изумреа мнозина, тогаш Божјата благодат и дарот преку благодатта на единствениот Човек, Исуса Христа, уште повеќе преизобилно ќе се излие врз мнозина.
16 И дарот не е како гревот на еден што погрешил, зашто судењето за еден престап води кон осудување, а дарот – од многу престапи кон оправдување.
17 Бидејќи, ако со престапувањето на еден смртта царува преку едниот, тоа многу повеќе оние, што ја примија благодатта и дарот изобилно, ќе царуваат во животот преку Единиот Исус Христос.
18 И така, како што преку престапувањето на еден човек дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку правдата на Единиот дојде оправданието за живот на сите луѓе.
19 Оти, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни.
20 А Законот се додаде, за да се умножи престапувањето. Каде што, пак, се умножува гревот, благодатта се јавува во голема изобилност,
21 та, како што гревот царува, предизвикувајќи смрт, така и благодатта да се зацари со правда за живот вечен, преку Исуса Христа, нашиот Господ.