Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Romans 1

:
Macedonian - 1990
1 Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, избран за Благовестието Божјо,
2 кое Он уште порано го беше ветил преку светите пророци, во светите Писма,
3 за Својот Син, по тело роден од семето Давидово,
4 посведочен како Син Божји во силата по Духот на осветувањето, преку воскресението од мртвите на Исуса Христа, нашиот Господ,
5 преку Кого добивме благодат и апостолство за послушност кон верата на сите народи во Негово име,
6 меѓу кои сте и вие, повиканите од Исуса Христа,
7 благодат и мир од Бога Отецот наш и Господа Исуса Христа на сите вас, што сте во Рим, возљубени од Бога, наречени светии.
8 Пред сѐ, Му благодарам на својот Бог, благовестувајќи за сите вас, оти за вашата вера се зборува по целиот свет;
9 Бог, Кому Му служам со својот дух, благовестувајќи за Неговиот Син, сведок ми е дека постојано си спомнувам за вас
10 и секогаш во молитвите свои се молам, та со Божја волја некако да ми се даде да дојдам при вас,
11 зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за вашето зацврстување,
12 односно, кога ќе бидам меѓу вас, заедно да се утешиме преку општата вера вашата и мојата.
13 Само не сакам, браќа, да ви биде непознато дека многупати бев на мисла да дојдам при вас, но бев попречуван дури досега, та да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи.
14 Задолжен сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните.
15 Па, во колку од мене зависи, готов сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието.
16 Зашто јас не се срамувам од Евангелието на Христа, бидејќи тоа е сила Божја за спасението на секој што верува, прво на Јудеец, а потоа и на Елин.
17 Бидејќи во него се открива правдата Божја од вера во вера, како што е напишано: »Праведникот преку вера ќе живее«.
18 Оти гневот Божји се открива од небото на секоја нечесност и неправда на луѓето, кои вистината ја држат во неправда;
19 така што она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато, бидејќи Бог тоа им го откри.
20 Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор.
21 Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту, пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи;
22 наречувајќи се себе мудри, тие обезумија,
23 и славата на вечниот Бог ја изменија во облик на смртен човек, на птици, на четвороножни животни и на лазачи,
24 затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистотата, за да се бесчестат телата нивни во самите себе.
25 Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на созданието повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во сите векови. Амин!
26 Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни;
27 и мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда.
28 И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во разумот свој, тоа Бог ги предаде на изопачен ум да го прават она, што не прилега;
29 бидејќи исполнети со секаква неправда, блудство, лукавство, користољубивост, злоба; полни со завист, убиства, расправии, измами, лоши нарави;
30 оговарачи, клеветници, богомрасци, силеџии, фалбаџии, горди, измислувачи на зло, непослушни кон родителите,
31 неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви.
32 Тие, иако ја знаеја правдата Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклони и кон оние што ги вршат.