Revelation 19
1 Потоа чув висок глас како од многу народ на небото, кој велеше: »Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог,
2 зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи он ја осуди големата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина.«
3 И повторно рекоа: »Алилуја! Димот нејзин ќе се издига во веки веков!«
4 Тогаш паднаа дваесет и четирите Старци и четирите животни, та Му се поклонија на Бога, Кој седеше на престолот велејќи: »Амин, алилуја!«
5 А од престолот излезе глас, кој велеше: »Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои што се боите од Него, големи и мали!«
6 И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици, кои велеа: »Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот!
7 Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Агнецот, и жена Му се приготви!
8 И ѝ се даде да се облече во чист и светол висон.« А висонот е праведноста на светиите.
9 И ми рече: »Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера при Агнецот!« А ми рече уште: »Ова се вистински Божји зборови!«
10 И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: »Стој, не – јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото!«
11 И го видов небото отворено, и ете, коњ бел. Оној, Кој јаваше на него, се вика Верен и Вистинит, и Он праведно суди и војува;
12 очите Му беа како огнен пламен, а на главата имаше многу круни и напишано име, кое освен Него, никој не го знаеше.
13 И беше облечен во облека, натопена со крв, и со името – Слово Божјо.
14 А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи.
15 Од устата Негова излегуваше остар меч, за да ги порази со него идолопоклониците. Он ќе ги пасе со железен жезал, и ќе ја изгази кацата со вино на јароста и гневот на Бога Седржителот.
16 На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: »Цар над царевите« и »Господар над господарите.«
17 Потоа видов еден ангел како стои на сонцето; тој извика со висок глас и им рече на сите птици, што летаа среде небото: »Долетајте и соберете се на големата вечера Божја,
18 да јадете тела на цареви, тела од војводи, тела од силни, тела од коњи и од нивните јавачи, и тела од сите – слободни и робови, мали и големи!«
19 Тогаш го видов ѕверот и земните цареви и нивните војски, собрани за да војуваат против Оној, Кој седеше на коњ, и Неговата војска.
20 Ѕверот беше фатен, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, та ги соблазни оние, што беа примиле белег од ѕверот и му се клањаа на неговиот лик: и обајцата живи беа фрлени во огненото езеро со запален сулфур;
21 другите, пак, беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот. И сите птици се наситија од телата нивни.