Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Revelation 18

:
Macedonian - 1990
1 А по ова видов како слегува од небото друг ангел, кој имаше власт голема: и земјата светна од неговиот болскот.
2 И извика силно, зборувајќи со висок глас: »Падна, падна Вавилон големиот, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; оти со виното отровно на своето блудство ги напои сите народи.
3 И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош!«
4 И чув друг глас од небото да вели: »Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини;
5 бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини.
6 Платете ѝ како што и таа ви плати вам, и дајте ѝ двојно онолку за децата нејзини; со чашата, со која што ве служеше, послужете ја двојно.
7 Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Оти во срцето свое вели: ‚Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.‘
8 Затоа во еден ден ќе ја сполетаат поразите: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ, Кој ја суди.
9 И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои што блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино;
10 и стоејќи од далеку, од страв пред нејзининте маки ќе велат: ‚Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, оти во еден час дојде пресудата твоја!‘
11 И трговците земни ќе плачат и ридаат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува:
12 стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо, мермер;
13 и цимет и темјан, миро и ливан, вино и елеј, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки.
14 И овошјата, за кои душата ти копнееше, се отстранија од тебе, и сѐ масно и светло исчезна од тебе, и нема веќе да го најдеш.
15 Трговците, кои што со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат од далеку заради страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи
16 ќе зборуваат: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери,
17 зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘« И сите сопственици на лаѓи, и сите патници во лаѓите, и морнарите, и оние, што тргуваат по море, застанаа од далеку
18 и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: »Кој беше како овој голем град?«
19 И ги посипаа главите свои со пепел, и со плачење викаа и велеа: »Тешко, тешко тебе, граде голем, со чии драгоцености се обогатија сите, што имаа лаѓи по море; оти за еден миг запусте!«
20 Весели се поради тоа, небо, и вие свети апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права!
21 Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: »Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!«
22 И глас на гуслари, пеачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе.
23 И светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите магии се заблудија сите народи.
24 И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата.