Revelation 1
1 Откровение на Исуса Христа, кое Му го даде Бог, за да го покаже на слугите Свои она, што треба да стане скоро. И Он го јави тоа на слугата Свој Јована, преку Својот ангел,
2 кој што го посведочи словото Божјо и сведоштвото на Исуса Христа, и сѐ што виде.
3 Блажен е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску.
4 Јован – до седумте цркви, што се во Азија: благодат вам и мир од Оној, Кој е, и Кој бил, и Кој иде, и од седумте духови, кои се пред Неговиот престол,
5 и од Исуса Христа, Кој е верен сведок, Првороден од мртвите и Господар на земните цареви. Нему, Кој нѐ возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв
6 и Кој нѐ направи пред Бога и Својот Отец цареви и свештеници, слава и држава во веки веков. Амин!
7 Ете, иде со облаците, и ќе Го види секое око, и оние, што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите земни племиња. Да. Амин!
8 Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај – вели Господ, Кој е, Кој бил, и Кој иде, Седржителот.
9 Јас, Јован, кој што сум и брат ваш и соучесник во скрбта и во царството и во трпението на Исуса Христа, бев на островот, наречен Патмос, заради словот Божјо и заради сведоштвото за Исуса Христа.
10 Еден неделен ден бев обземен од дух и зад себе чув силен глас како од труба, кој велеше: »Јас сум Алфа и Омега, првиот и последниот;
11 и тоа, што ќе го видиш, напиши го во книга и испрати го до седумте цркви, што се во Азија: во Ефес и во Смирна, во Пергам и во Тиатир, во Сард, во Филаделфија и во Лаодикија!«
12 И се обѕрнав за да го видам гласот, што зборуваше со мене; и, откако се обѕрнав, видов седум златни светилници,
13 а сред седумте светилници еден, сличен на Синот Човечки, облечен во долга облека до нозете и по градите препашан со златен појас;
14 главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а очите Негови – како огнен пламен;
15 нозете Негови – слични на светол бакар, како во печка вжарени, а гласот Негов – како шум од многу води.
16 Во Својата десна рака Он држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; лицето Негово светеше како што сонцето сјае во својата сила.
17 Штом Го видов, паднав пред нозете Негови како мртов. Он ја сложи Својата десна рака врз мене и ми рече: »Не бој се! Јас сум Првиот и Последниот
18 и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови. Амин! И ги имам клучевите од адот и смртта.
19 И така напиши, што виде, што е и што има да стане по тоа.
20 Ова е тајната на седумте ѕвезди, што ги виде во Мојата десница, и на седумте златни светилници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви – а седумте светилници, што ги виде, се седумте цркви.«