Psalms 64
1 Тебе, Боже, Ти припаѓа похвалата на Сион, и Тебе ќе Ти се исполни заветот во Ерусалим.
2 Услиши ја молитвата моја; кон Тебе ќе прибегне секој човек.
3 Од зборовите на беззакониците, кои надвладуваат над нас и од нашите гревови, очисти нѐ.
4 Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил; он ќе живее во Твоите дворови; ќе се исполни со добрини од Твојот дом; а Твојот дом е свет, и чудесен е во праведноста.
5 Чуј нѐ, Боже, Спасителе наш, надеж на сите земни краишта и на оние што се далку преку морето.
6 Ти, Кој горите си ги поставил со силата Своја и со моќ си се препашал,
7 Ти Кој ја раздвижуваш морската длабочина и шумот што го прават брановите. Ќе поштукнат народите.
8 И ќе се уплашат сите оние што живеат во краиштата од чудесата Твои: ќе создадеш радост каде што утрото се раѓа и вечерта заоѓа.
9 Ти ја посетуваш земјата, ја напојуваш, ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода; си им приготвил храна, бидејќи тука си ја устроил.
10 Ги напојуваш браздите нејзини, и ги умножуваш житата нејзини и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови;
11 ја овенчуваш годината со Твојата добрина и полињата Твои полни се со згоен добиток.
12 Се појавуваат пасишта по пустињите и ритчињата се исполнуваат со радост;
13 Трлата се умножуваат со стада, а долините се китат со плодови: воскликнуваат и пеат.