Psalms 37
1 Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме,
2 зашто стрелите Твое се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене,
3 За телото мое нема лек од Твојот гнев; во коските мои нема мир од гревовите мои;
4 зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа.
5 Смрдат и гнијат раните мои поради безумието мое.
6 Настрадав и се стопив сосема, цел ден натажен одам;
7 бидејќи одвнатре горам од оган, нема лек за телотомое.
8 Озлобен сум и прекумерно понизен; рикав поради воздишките на срцето Мое.
9 Господи, пред Тебе сесите мои желби, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе.
10 Срцето ми се возбуди, и ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, – и неа ја нема во мене.
11 Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене,
12 а оние што ја бараа душата моја, зборуваа лошо и без основа и секој ден кроеја сплетки;
13 а јас, пак, како глув не слушав и сум како нем, кој не ја отвора устата своја;
14 станав како човек, што не слуша и што во устата своја нема прекор,
15 зашто на Тебе, Господи, се надевав; Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој.
16 Оти си реков: да не се погордеат над мене моите непријатели; и кога ми се поколебаа нозете мои, тие изговорија лоши зборови над мене.
17 Готов сум да паднам, и јадот мој секогаш е пред мене.
18 Беззаконието свое го признавам и ќе се смирувам поради гревот мој.
19 А непријателите мои живеат и сѐ посилни стануваат од мене, и се намножија оние што неправедно ме мразат,
20 па враќајќи ми зло за добро, бидејќи бев за правда, тие ме отфрлија како мртовец.
21 Не оставај ме, Господи, Боже мој, не отстапувај од мене;
22 побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој!